За време на рутинска полициска интервенција поради пријава за семејно насилство, во саботата навечер во местото Пекленица, Меѓумурје, почина маж. Ситуацијата на местото на настанот брзо ескалирала. Мажот почнал да ги навредува и да им се заканува на полицајците, а потоа физички нападнал еден од нив, нанесувајќи му полесни повреди, јавуваат хрватските медиуми. Поради агресивноста и нападот, полицајците морале да употребат средства за присила, физичка сила и врзување. Во моментот на примена на сила, на крупниот маж одеднаш му се слошило. Забележувајќи дека неговата здравствена состојба се влошила, полицајците веднаш го прекинале приведувањето, му ги извадиле лисиците и започнале со реанимација. Набрзо пристигнала итна медицинска помош, но и покрај напорите на медицинскиот тим, мажот починал. Иако судскиот вештак по увидот на лице место утврдил дека починатиот немал физички повреди, поради околностите во кои настапила смртта, државниот обвинител наредил судска обдукција. Неофицијални извори сугерираат дека починатиот имал сериозни здравствени проблеми, вклучително и склоност кон алкохол. Началникот на Полициската управа во Меѓумурје формирал експертски тим кој преку стандардни процедури ќе утврди дали постапките на полицајците за време на интервенцијата биле во согласност со законот.