Баба лаже, Евростат не лаже: Македонија има најевтина храна во Европа Александра Спасеска 15.12.2025 / 13:15 Македонија Додека Швајцарците за иста кошница храна плаќаат и до 60 проценти повеќе од европскиот просек, цените во Северна Македонија се најниски на континентот. Разликите во цените на храната низ Европа се огромни, а најновите податоци на Евростат откриваат каде е купувањето најповолно, а каде најмногу го оптоварува семејниот буџет, пишува Euronews . Храната претставува еден од најголемите трошоци за европските домаќинства, со просечен удел од 11,9% од вкупната потрошувачка во Европската Унија, додека во земји како Романија тој удел се искачува и на 20%. Споредбата на цените се базира на индексот на Евростат, каде што просечната цена на кошница храна во ЕУ изнесува 100. Вредност над 100 означува повисоки цени од просекот, додека вредност под 100 укажува на пониски, поповолни цени. Според податоците за 2024 година, Швајцарија е убедливо најскапа земја со индекс од 161,1, што значи дека цените на храната се за 61,1% повисоки од просекот во ЕУ. Потоа следуваат Исланд (146,3) и Норвешка (130,6), земји кои исто така не се членки на Унијата. Во рамките на ЕУ, најдлабоко во џеб мораат да посегнат жителите на Луксембург, каде цените се повисоки за 25,7% од просекот. Високи цени имаат и Данска, Ирска, Франција, Австрија и Малта. Од друга страна, најевтина храна во Европа има во Северна Македонија, каде цените се 27% пониски од просекот на ЕУ. Во рамките на Унијата, најповолна е Романија, каде иста кошница храна е поевтина за 25,4%. Ниските цени на храната се карактеристични за југоисточна Европа и Западен Балкан, па така значително под просекот се и Турција, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Бугарија. Кај најголемите економии на ЕУ, цените во Германија и Италија се малку над просекот, додека Франција е значително поскапа. Шпанија, пак, е за 5,4% поевтина од просекот на Унијата. Хрватска е минимално над просекот, со вредност од 100,5. Клучни причини Експертите издвојуваат неколку клучни причини за ваквите големи разлики. „Најважната причина се разликите во приходите и платите“, изјави за Euronews Business Алан Метјуз, професор на Тринити колеџ во Даблин. Во земјите со повисоки просечни плати, како Швајцарија и Данска, поголеми се и трошоците за труд во земјоделството, преработката и продажбата, што на крај се одразува на малопродажните цени. Метјуз додава дека своја улога играат и даночните разлики. „Разликите во оданочувањето, особено во ДДВ-то на прехранбени производи, исто така објаснуваат дел од разликите,“ нагласува тој. Покрај тоа, на цените влијаат и потрошувачките навики — во побогатите земји е поголема побарувачката за органски или брендирани производи. Иларија Бенедети, доцентка на Универзитетот Tuscia, истакнува и структурни фактори како трошоците за производство и изложеноста на глобални шокови. „Помалите и многу отворени економии — често со валути подложни на остри флуктуации — почувствуваа посилен пренос на растечките трошоци за енергија и земјоделски инпути за време на пандемијата и конфликтот меѓу Русија и Украина,“ изјавила таа. Ниските цени не значат полесен живот Иако во некои земји цените на храната се номинално пониски, тоа не значи дека храната е подостапна. Во земјите од источна и југоисточна Европа, храната претставува повеќе од 20% од трошоците на домаќинствата, додека во побогатите економии тој удел обично е под 12%. „Како резултат, истото зголемување на цените има многу потешки последици таму каде приходите се пониски,“ додава Бенедети. Овие разлики имаат сериозни последици врз безбедноста на снабдувањето со храна, предупредува Јеремијаш Мате Балог, доцент на Универзитетот Корвинус во Будимпешта. „Додека земјите со високи приходи можат да апсорбираат повисоко ниво на цени, домаќинствата со пониски приходи во Средна и Источна Европа се соочуваат со непропорционален товар, дури и ако номиналните цени се пониски,“ изјавил тој. Со други зборови, иако храната во Данска е скапа, жителите со повисок расположлив доход полесно можат да си ја дозволат, за разлика од жителите на земји со пониски цени и многу пониски приходи. Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On