Главниот преговарач на Украина, Рустем Умеров денеска изјави дека претставниците на САД и Украина постигнале реален напредок за време на втората рунда мировни преговори во Берлин за прекин на војната со Русија, објави Ројтерс. - Во текот на изминатите два дена, разговорите меѓу Украина и САД беа конструктивни и продуктивни, при што е постигнат вистински напредок, објави Умеров на платформата Икс, кој е секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина. Тој истакна дека американскиот тим, предводен од Стив Виткоф и Џаред Кушнер, „работи исклучително конструктивно за да ѝ помогне на Украина да најде пат кон траен мировен договор“. Претходно и американскиот специјален претставник Стив Виткоф, кој со Зеленски вчера имаше петчасовен разговор изјави дека е постигнат „голем напредок“. (МИА)