Специјалниот американски пратеник Барак и Нетанјаху разговараа за Хезболах и мировниот план за Газа

Американскиот специјален пратеник Том Барак денеска одржа разговори во Ерусалим, околу две недели пред истекот на рокот за разоружување на либанската милиција Хезболах. Израелските медиуми објавија дека неговата средба со премиерот Бенјамин Нетанјаху била фокусирана и на „црвените линии“ во однос на акциите на Израел во соседна Сирија и преминот кон втората фаза од мировниот план за Газа на американскиот претседател Доналд Трамп. Портпаролката на Нетанјаху потоа кусо изјави само дека се работи за „продуктивна средба“ меѓу двете страни. Либанската влада е под притисок од Соединетите Американски Држави и Израел да ја разоружа шиитската милиција Хезболах до крајот на годината. За владата во Бејрут, ова е политички чувствителен процес. Задачата треба да ја изврши либанската армија – која е значително послаба и во лоша финансиска состојба. Според најновите информации од Набих Бери, претседател на либанскиот парламент и сојузник на Хезболах, досега е демонтирана 90 отсто од воената инфраструктура на Хезболах на југот. Преостанатото разоружување треба да биде завршено до крајот на годината. Сепак, Израел го обвинува Хезболах за повторно вооружување. И покрај договорот за прекин на огнот постигнат пред една година, израелската војска напаѓа цели на милицијата во соседната земја речиси секојдневно, наведува германската агенција ДПА. Во Либан, многумина стравуваат од нова ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хезболах по истекот на рокот. Либанскиот министер за надворешни работи Јусеф Раџи неодамна изјави дека Хезболах одбива да се разоружа. Милицијата го поставила повлекувањето на преостанатите израелски војници од јужен Либан како услов за тоа.