Петтото гласање за недоверба против романската Влада на премиерот Илие Боложан беше неуспешно. Иницијативата се одржа на заедничка седница на двата дома на Парламентот, емитувана во живо на интернет. Предлогот на новата парламентарна група во романскиот Сенат „МИР – Романија на прво место“, насловен „Романија не е за продажба – без прогресивци во Владата“, доби само 139 гласа „за“ и 2 гласа „против“. За да биде соборена Владата, потребни беа најмалку 232 гласа. Парламентарците од четирите владејачки партии не гласаа. Пред почетокот на седницата, пратениците од опозициската Алијанса за обединување на Романците (АУР) му донесоа на премиерот Илие Боложан две фудбалски топки со црвен натпис „Гласање за недоверба 2025“. Според локалните медиуми, на овој начин АУР „симболично им додава пас“ на колегите од Социјалдемократската партија (СДП), повикувајќи ги да изгласаат недоверба на Владата во која учествуваат. Провокација од страна на АУР имаше и за време на дебатите, кога лидерот на партијата Џорџе Симион излезе на говорницата со фотографија од Моника Хуњади – млада жена која беше назначена за менаџер во државна компанија во областа на управувањето со водите, обвинувана за лошо справување со ситуацијата поврзана со водната криза во Прахова и Дамбовица. Откако седеше две минути молчејќи, Џорџе Симион изјави: „Би сакале да не кажеме ништо, бидејќи ќе кажеме нешто многу болно за граѓаните на Романија. Ако не сте разбрале која е алтернативата, таа е да не поддржуваме такви луѓе со искуство во салони за убавина, чии недостатоци се манифестираат во управувањето со компании кои работат со романските води. Наместо да ја држите вашата Социјалдемократска партија на власт уште шест месеци, додека вие ја доведете Романија до банкрот, може да им го заштедиме времето на Романците и да престанеме да се занимаваме со решенија што не се решенија. Поднесете оставка, г-дине Боложан“. Напади од говорницата упати и сенаторката Кристина Габриела Думитреску од АУР, која го прочита текстот на предлогот за недоверба. - Оваа Влада се специјализираше со доследност, достојна за подобри каузи, во работењето против сопствениот народ. Мерка по мерка, Романците плаќаат повеќе и добиваат помалку. Не зборуваме за обичен неуспех на управувањето, туку за администрација која преку повторливите дејства очигледно ја избра погрешната страна, против основните интереси на граѓаните за кои тврди дека ги претставува, рече таа. За возврат, премиерот Илие Боложан ја обвини опозицијата дека ги користи тешкотиите и страдањата на луѓето за да акумулира политички капитал. - Веќе влеговме во рутина со овие гласања за недоверба кои го следат истиот модел. Тие се политичка вежба. Наместо да разговараат за решенија, потписниците на предлогот само создаваат хаос и скандал. Сè уште не разбирам каква алтернатива нудат потписниците на предлогот. Требаше ли да дозволиме Романија да западне во криза? Требаше ли да продолжиме со трошењето и да го продлабочиме дефицитот? Не требаше ли да инвестираме во одбраната и да ја оставиме Романија ранлива? Предлогот покажува дека потписниците не го разбираат економскиот, социјалниот и геополитичкиот контекст во кој се наоѓаме. Или се преправаат дека не разбираат, нагласи Боложан. Тој соопшти дека за првите 10 месеци од годината веќе има намалување на дефицитот во споредба со истиот период од претходната година, а приходите собрани од буџетот се зголемиле за 12,3 отсто во споредба со истиот период од претходната година. - Следната година нема да има повеќе зголемувања на даноците. Ќе се фокусираме на нивно правилно собирање, преку борба против даночното затајување, на привлекување европски средства за продолжување на инвестициите и на закрепнување на економијата на поздрава основа. Ова не се само приказни, додаде премиерот. Според него, има добри знаци за земјата не само на краток, туку и на среден рок и позитивниот ефект ќе го почувствува секој Романец. - ’Романија не е за продажба – без прогресивци во Владата’ е името на ова гласање за недоверба против Влада која ги зголеми лиценцните такси за ископ на нафта и гас од „ОЕМВи Петром“, која ја ослободи државата од товарот и ја натера компанијата да плаќа еколошки трошоци, трошоци од над половина милијарда евра. Да, тоа значи да не ја продаваме земјата, туку да го добиеме она што ѝ припаѓа, истакна Илие Боложан. Гласањето за недоверба доаѓа во момент кога Социјалдемократската партија размислува за евентуално излегување од Владата следната година. Денеска, нејзиниот лидер Сорин Гриндеану не присуствуваше на седницата на двата дома на Парламентот. Според информациите на локалните медиуми, тој бил во Темишвар, каде што живее неговото семејство. На почетокот на септември, романскиот Парламент одеднаш отфрли четири гласања за недоверба против Владата на Илие Боложан. Тие беа поднесени од трите екстремно десничарски партии Алијанса за обединување на Романците (АУР), Партијата на младите (ПОТ) и СОС Романија заедно со независни пратеници и се однесуваа на четири од петте нацрт-закони вклучени во вториот пакет буџетско-фискални мерки (економија, државни компании, автономни институции и здравство). Коалициската Влада, во која се Социјалдемократската партија, Национално-либералната партија, Сојузот за спас на Романија и Демократскиот сојуз на Унгарците во Романија, стапи на функција во јуни оваа година. (МИА)