Путин ќе ги заплени домовите на Украинците кои избегаle од окупираните територии

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој се дозволува експропријација, или национализација, на неискористени станбени имоти во областите на Украина окупирани од руските трупи. Членот 21 наведува дека „станбените згради, становите и собите кои покажуваат знаци на напуштеност се признаваат како сопственост на Доњецката Народна Република или нејзините општини“. Самопрогласената Доњецка Народна Република беше создадена од паравоени формации поддржани од Русија во 2014 година во дел од провинцијата Доњецк во источна Украина. Оттогаш таа е анектирана од Русија, потсетува ДПА. Слични регулативи постојат и за провинциите Луганск, Запорожје и Херсон, кои исто така беа незаконски анектирани и се барем делумно окупирани од Русија. Законот предвидува и подоцнежна реприватизација на имотите. Тие би можеле, на пример, да им бидат пренесени на граѓаните кои ги изгубиле своите домови поради украински напади, според текстот на законот. Дополнително, на локалните власти им се дава можност да ги користат како службени резиденции за државните службеници. Од почетокот на инвазијата наредена од Путин, милиони луѓе избегаа од источна Украина за да избегнат уништување и насилство. Некои оттогаш се вратија, вклучително и во области кои сега се окупирани од Русија. Сепак, многумина се населиле во други делови на Украина или во странство. Овие луѓе, кои мораа да ги напуштат своите честопати приватно поседувани домови при бегството, се засегнати од регулативата. (МИА)