Швеѓаните забележале руски војници на танкери од „флотата во сенка“

Швеѓаните забележале руски војници на танкери од „флотата во сенка“ Александра Спасеска 16.12.2025 / 10:26 Свет Шведската морнарица забележала руски војници на танкери од таканаречената „флота во сенка“ кои пловат во Балтичкото Море. Се верува дека ова е дел од руска операција за заштита на санкционирани бродови кои, меѓу другото, транспортираат руска нафта, објавува шведскиот портал SVT Nyheter . Според шведската војска, руските активности се манифестираат преку постојано присуство на воени бродови во одредени области на Балтичкото Море, но и преку присуство на вооружени лица на самите танкери. Станува збор за лица во воени униформи за кои се претпоставува дека се поврзани со приватни компании за обезбедување или дека се војници. Потврда од шведската морнарица Марко Петковиќ, началник на одделот за операции на шведската морнарица, потврди дека добиле и потврдиле информации за присуство на такви лица на некои бродови. Според него, руската флота сè повеќе ги следи и заштитува водните патишта во Балтичкото Море и Финскиот Залив. Морнарицата истакнува дека присуството на бродови од руската Балтичка флота станало потрајно и опфаќа значаен дел од морето. И покрај ова, шведската војска не гледа директна закана и нагласува дека има јасен поглед на ситуацијата. „Нема потреба да се грижите за ова, но сакаме да ви кажеме што се случува на море“, рече Петковиќ. Стратешка важност и дополнителни безбедносни мерки Даниел Стенлинг, заменик-началник на одделот за операции на шведската крајбрежна стража, исто така предупреди за зголемувањето на активноста на руските воени бродови во стратешките области во близина на брегот. Тој нагласи дека информациите за вооружен персонал на танкерите сведочат за посебната важност што „флотата во сенка“ ја има за Русија, како и за дополнителните безбедносни мерки што ги презема. Ова не е прв ваков случај - во јуни, воен брод на руската морнарица отворено ги придружуваше санкционираните танкери на „флотата во сенка“ низ европските води и Ла Манш за прв пат. Шведска Русија Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On