Тајландското Министерство за надворешни работи денеска објави дека Камбоџа треба прва да објави прекин на огнот во граничниот конфликт меѓу двете земји, во кој за 10 дена загинаа најмалку 32 лица и беше принудена евакуација на околу 800.000 луѓе од двете страни. „Камбоџа мора прва да објави прекин на огнот како агресор на тајландска територија“, изјави портпаролката на тајландското Министерство за надворешни работи, Марати Налита Андамо, на прес-конференција, пренесува Фигаро. Таа наведе уште два услови за прекин на непријателствата. „Второ, прекинот на огнот мора да се спроведе и мора да се почитува. Трето, Камбоџа мора искрено да соработува во напорите за деминирање (во граничните области)“, истакна Андамо. Според најновите официјални податоци, 16 војници и еден цивил загинаа во конфликтот на тајландска страна, додека 15 цивили загинаа на камбоџанска страна. Министерството за надворешни работи на Тајланд, исто така, соопшти дека помеѓу 5.000 и 6.000 негови граѓани се заробени во Камбоџа во пограничниот град Поипет, каде што граничните премини беа затворени од саботата. Американскот претседател, Доналд Трамп, во петокот изјави дека лидерите на двете земји се согласиле на примирје по неговиот телефонски повик, но тајландската Влада го негираше тоа и борбите продолжија во текот на викендот. Трамп веќе интервенираше во јули, кога во првиот излив на насилство меѓу Тајланд и Камбоџа за пет дена загинаа 43 лица, а договор за прекин на огнот беше потпишан на крајот на октомври во Малезија, земјата што претседава со Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН), но прекинот на непријателствата траеше само неколку недели. За 22 декември е закажан посебен состанок на министрите за надворешни работи на АСЕАН за да се обиде да се најде дипломатско решение за конфликтот.