Голема акција за пошумување се реализира на територијата на општина Кисела Вода, во која учествуваат градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, генералниот извршен директор на ТИТАН Усје, Костас Николау, како и вработени од општинската администрација, во компанијата и бројни граѓани. Активностите се одвиваат во паркот „Иднина“, во 13 урбани и месни заедници, како и во сите основни училишта на територијата на општината. Во рамки на акцијата ќе бидат засадени околу 500 садници од зимзелени и други видови дрвја. Градоначалничката Стаменкоска Трајкоска истакна дека пошумувањето е важен сегмент од долгорочната политика на Општина Кисела Вода, која се реализира плански и рамномерно на целата територија, со активно вклучување на училиштата и локалната заедница, а воедно упати и благодарност до компанијата што ја поддржа акцијата со донација на садниците. -Пошумувањето не е само симболичен чин, туку јасна и долгорочна определба на Општина Кисела Вода. Со секое засадено дрвце вложуваме во поквалитетен јавен простор и подобри услови за живот за сегашните и идните генерации. Нашата стратегија е системска и опфаќа пошумување во сите населени места, како и активно вклучување на училиштата и граѓаните. Сакам да се заблагодарам на Цементарница ТИТАН Усје и на генералниот извршен директор Костас Николау за покажаната општествена одговорност. Соработката со компаниите е важен дел од пристапот со кој ја развиваме општината, а компаниите преку вакви активности покажуваат дека ја препознаваат својата улога во општеството-изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.