Селекторот на Шкотска до навивачите: Немојте да се задолжувате за да одите на Мундијалот ФИФА СВЕТСКО ПРВЕНСТВО 2026 КАНАДА/САД/МЕКСИКО Филип Здравески 16.12.2025 / 14:51 Фудбал Селекторот на Шкотска, Стив Кларк, ги повика навивачите да не се задолжуваат за да ја бодрат репрезентацијата на претстојното Светско првенство во Канада, САД и Мексико. Се очекува само 8% од билетите да им бидат достапни на навивачите на Шкотска, популарните Тартан Арми, за натпреварите против Хаити и Мароко во Бостон и против Бразил во Мајами, во групната фаза на Светското првенство. Шкотската Фудбалска асоцијација изрази надеж дека бројот на билети за шкотските навивачи ќе се зголеми. ФИФА е цел на жестоки критики поради прескапите билети за турнирот, кој ќе се одржи од 11 јуни до 13 јули 2026 година. И селекторот на Шкотска смета дека билетите се скапи. „Ќе биде скапо. Но, секако е скапо да се оди во Америка. Билетите се скапи. Ако можете да одите таму, ако можете да си дозволите да одите таму, тоа е фантастично, но не се задолжувајте премногу за да одите. Тоа е турнир на ФИФА, тие одлучуваат што ќе одлучат“, изјави Кларк за BBC Scotland. Цените на билетите за натпреварот против Хаити ќе бидат 134, 298 и 372 фунти, додека за натпреварот против Мароко ќе чинат 136, 320 и 447 фунти. Цените на билетите за дуелот со петкратниот светски шампион Бразил, на 24 јули, се 198, 373 и 523 фунти. Шкотската ФА доби само 3.736 билети за тој натпревар иако капацитетот на „Хард Рок“ стадионот во Мајами е 64.767 гледачи. Кларк рече дека се надева оти навивачите „кои патуваат на далечни места“ ќе можат да добијат билети по прифатливи цени бидејќи „заслужуваат да бидат таму“. СП 2026 навивачи Шкотска фудбал Автор/Извор Макфакс/Кајгана Прикажи во метро Off