Компанијата „X Corp“ на Илон Маск вчера поднесе тужба против еден старт-ап поради неговиот обид да го присвои повлеченото име „Твитер“ и неговото лого со сина птица. Компанијата „Operation Bluebird“ (Операција Сина птица), во поднесок до Канцеларијата за патенти и трговски марки на САД, тврди дека социјалната платформа X на Маск се откажала од брендот и оти трговската марка треба да биде поништена. X одговори со тужба, наведувајќи дека старт-апот „бесрамно се обидува да го украде светски познатиот бренд Твитер“, пренесе ДПА. Маск го купи Твитер за околу 44 милијарди долари пред околу три години, а подоцна го ребрендираше во X, отстранувајќи ги сите наводи за Твитер низ платформата. „Operation Bluebird“ го гледа ова како доказ дека X нема намера да ги користи старото име и лого, па планира да ги користи за нова веб-страница, „Twitter.new“. X одговори дека редизајнирањето на веб-страницата и апликацијата не претставува напуштање на трговската марка Твитер. Компанијата истакна дека корисниците сè уште ги нарекуваат објавите „твитови“ (tweets) и продолжуваат да го користат името Твитер. Во меѓувреме, корисниците можат да резервираат профилни имиња на „Twitter.new“, при што веќе се побарани повеќе од 145.000 имиња, се наведува на веб-страницата.