ВИДЕО: Во Италија откриени илјадници отпечатоци од диносауруси

Во италијанскиот Национален парк „Стелвио“, на речиси вертикална карпа на височина од повеќе од 2.000 метри, пронајдени се илјадници отпечатоци од диносауруси, изјави вчера палеонтологот Кристијано Дал Сасо од Природонаучниот музеј во Милано. Според истражувачите, отпечатоците потекнуваат од пред повеќе од 200 милиони години, и се смета дека се оставени од тревопасни животни со долг врат што, очигледно, се движеле во големи крда. Трагите се широки до 40 сантиметри и покажуваат јасни траги од канџи, објави ДПА. - Тоа е вистинска долина на диносауруси која се протега во должина од километри - најголемото откритие на Алпите и едно од најбогатите во светот, рече Дал Сасо. Тие се наоѓаат во долината Вале ди Фраеле во близина на Бормио, каде што, во февруари, треба да се одржат следните Зимски олимписки игри. За време на геолошкиот период Тријас (што траел од околу 251 милион г. п.н.е. до пред 201 милион г. п.н.е.), топлата лагуна обезбедувала идеална средина за диносаурусите. Истражувачите веруваат дека отпечатоците се создадени од видот наречен Платеосаурус, кога површината била мека и мочурлива. Оттогаш почвата се стврднала, па анатомските детали на стапалата денес се прилично препознатливи, пренесе „Еуроњуз“. - Тоа е огромно научно наследство чие истражување ќе трае со десетлетија, рече Дал Сасо, додавајќи дека наодот е на непристапен терен што, засега, делумно може да се истражи само со дрон. Фактот дека отпечатоците се на речиси вертикална површина ги зголемува тешкотиите. Со текот на времето, првично рамната површина подоцна е подигната од геолошка деформација.