Израел блокира посета на канадска делегација на Западниот Брег

Израел го блокираше пристапот до Западниот Брег на приватна канадска делегација во која беа вклучени шест пратеници. Израелската амбасада во Отава соопшти дека на групата не ѝ бил дозволен влез поради нејзините врски со „Исламска помош ширум светот“ (Islamic Relief Worldwide), невладина организација која Израел ја дефинира како терористичка група. Канадската министерка за надворешни работи, Анита Ананд, на социјалните мрежи изјави дека Канада ги изразила своите „приговори во врска со малтретирањето на овие Канаѓани“. Пратеничката од Онтарио, Икра Калид од Либералната партија на премиерот Марк Карни, изјави дека била дел од делегацијата и дека била турната неколку пати од израелските граничари кога групата пристигнала на граничниот премин „Аленби“ меѓу Јордан и Западниот Брег. Калид додаде дека граничните службеници можеле да видат дека таа е пратеничка, бидејќи го земале нејзиниот специјален пасош, кој изгледа поинаку од стандардниот. Во соопштението на израелската амбасада се вели дека Израел „нема да дозволи влез на организации и лица поврзани со одредени терористички организации“. Делегацијата, спонзорирана од групата „Канадско-муслимански глас“, според планот требало да се сретне со раселени Палестинци на Западниот Брег, каде што израелската влада неодамна одобри изградба на 764 нови домови во еврејските населби. Во израелското соопштение се наведува дека „Канадско-муслимански глас“ го добива најголемиот дел од своето финансирање од „Исламска помош Канада“, подружница на „Исламска помош ширум светот“, која е наведена како терористичка организација од страна на Израел. Во Отава, Националниот совет на канадските муслимани изјави дека одбивањето на израелската влада да ги пушти канадските пратеници предизвикува сериозна загриженост за транспарентноста и одговорноста. Во септември, Канада им се придружи на неколку други земји во признавањето на Палестинската држава, што претставува значајна промена во нејзината политика. Тогаш Отава објави дека се надева дека признавањето ќе го отвори патот за мир заснован на решението со две држави.