Крем супа од печен лук

Оваа кремаста и ароматична супа од печен лук е вистинска утеха за непцето. Печениот лук добива благ, сладок вкус и совршено се спојува со компирот, празот и кремот, создавајќи богата и мазна супа – идеална како предјадење или лесен оброк. Состојки: 3 главици лук 1 мала главица кромид 1 праз (белиот дел, по желба, но дава одлична арома) 2 компири (околу 300 грама, излупени) 500 мл пилешки бујон (или вода + 1 коцка за супа од пилешко) 1/2 лажичка сол 1/4 лажичка црн бибер 1 лажица путер 150 мл неутрална павлака 3 лажици маслиново масло Подготовка: Со прсти отстранете ја надворешната лушпа од главиците лук, оставајќи еден тенок слој што ќе ги држи чешнињата заедно. Отсечете околу 1 см од врвот на секоја главица, доволно за да се видат чешнињата.  Секоја главица ставете ја на посебно парче алуминиумска фолија, посолете и полејте со малку маслиново масло. Завиткајте и печете во загреана рерна на 200 °C, 40–60 минути, додека лукот целосно не омекне и добие златно-кафеава боја. Извадете од рерна, оставете кратко да се излади и истиснете ги чешнињата од лушпата. Тргнете настрана. Во тенџере загрејте малку маслиново масло и пропржете го ситно сечканиот кромид додека не застакли. Додадете го празот исечен на тркалца и пржете 2–3 минути. Кога ќе замириса, додајте ги компирите исечени на коцки и кратко пропржете сè заедно. Додадете го бујонот и посолете по вкус (или додајте вода и коцка за супа). Варете околу 15 минути. Потоа додајте го печениот лук и продолжете со варење додека компирите целосно не омекнат. Со рачен блендер изблендирајте ја супата додека не добиете мазна и кремаста текстура. Додадете го путерот, црниот бибер и павлаката за готвење. Мешајте на тивок оган додека супата повторно не зоврие. По потреба, разредете со уште малку бујон. Послужете ја супата топла, по желба со потчечен или свеж леб.