Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) одново заседава претпладнево во последен обид да ја убеди Белгија да се согласи на т.н. заем за репарации за Украина, пред утрешниот Самит на Унијата на кој ова прашање се очекува да биде доминантна тема. Денешниот состанок на амбасадорите на земјите членки на ЕУ следи откако и по синоќешното заседание на Корепер, Белгија остана на ставот дека не се согласува на користење на замрзнатите руски средства во блокот за исплата на 210 милијарди евра на Украина за покривање на нејзините финансиски потреби за 2026 и 2027 година. Најголем дел од овие замрзнати средства или околу 185 милијарди евра се депонирани во клириншката куќа „Еуроклир“ со седиште во Брисел. Бриселските медиуми оценуваат дека станува сè појасно оти Белгија нема да се откаже од противењето на планот за заемот за репарации, нагласувајќи дека ако белгискиот премиер Барт Де Вевер сакаше да го смени курсот и да го поддржи предлогот, тоа и ќе го стореше досега. Еврокомесарот за економија Валдис Домбровскис вчера од Стразбур порача дека Комисијата сè уште работи со белгиските власти за да одговори на нивната загриженост околу ризиците од заемот за репарации и да обезбеди дополнителни заштитни гаранции на оние што веќе се изнесени во нејзиниот оригинален предлог. Доколку Белгија остана на својот став и на утрешниот Самит на ЕУ, европските лидери ќе мора да се откажат од заемот за репарации и да бараат алтернативно краткорочно решение за финансирање на Украина или да го усвојат предлогот со квалификувано мнозинство. За одобрување на планот за заемот за репарации на овој начин ќе биде потребна поддршка од најмалку 15 земји членки во кои живеат најмалку 65 отсто од жителите на блокот. Ова би значело дека предлогот најверојатно би бил усвоен и покрај очекуваното гласање „против“ на Белгија и на уште неколку други земји, како Бугарија, Италија, Малта, Словачка, Унгарија или Чешка. Сепак, дипломатски извори оценуваат дека ваквиот потег би бил „политички токсичен“, би претставувал „нуклеарна опција“, би го нарушил принципот на солидарност во ЕУ и би поставил „катастрофален преседан“ дека секоја средна или мала земја членка би можела да биде надгласана од поголемите држави и нивните поддржувачи. Резервната опција за заедничко задолжување на ЕУ на пазарите на капитал преку издавање на еврообврзници се смета за политички невозможна мисија. Унгарија веќе најави дека ќе стави вето на евентуален ваков предлог, но таквата идеја е неприфатлива и за повеќето „северни земји“, вклучително и Германија, кои жестоко се противат на натамошно зголемување на долгот на ЕУ. Како излез од ваквата ситуација, според дипломатски извори, се разгледува идејата лидерите на Самитот да усвојат заклучок без конечна одлука за заемот за репарации, но кој би го одржал планот во игра така што финализирањето на неговите технички детали би им било препуштено на Советот на ЕУ и Европарламентот. Во вакви услови, како што наведува „Еуриактив“, Украина чека да види дали нејзината позиција ќе биде зајакната со 210 милијарди евра од замрзнатите руски средства или наместо тоа ќе се најде изложена на засилен притисок да го прифати „американско-руското мировно решение“.