Почнува Сатурналија, римскиот празник од кој христијаните се инспирирале за Божик Филип Здравески 17.12.2025 / 11:43 Чек дис аут На 17 декември почнува празнувањето на древниот римски празник во чест на богот Сатурн, кој важел за најголем празник во стариот Рим. Сатурналија е древен римски фестивал и празник кој почнувал на 17 декември според јулијанскиот календар и траел до 19-ти, но поради сѐ поголемата популарност, во I век п.н.е. бил проширен да трае до 23 декември. Обичаи Славјето почнувало со принесување жртва во Храмот на Сатурн, во Римскиот форум, како и јавен банкет, по што следувало разменување на подароци, целодневно славење и карневалска атмосфера која ги газела римските социјални норми: дозволено било коцкање, а господарите на своите робови им доделувале маса на трпезата бидејќи на овој празник сите биле слободни луѓе. Вообичаен обичај бил изборот на Крал на Сатурналиите, кој им давал наредби на луѓето, кои биле следени и претседавале со веселбата. Подароците што се разменувале обично биле шегобиски подароци или мали фигурини направени од восок или керамика, познати како сигиларија (sigillaria). Поетот Катул го нарекол овој празник „најдобрите денови“. Сатурналиската практика, исто така, им дозволувала на робовите да не ги почитуваат своите господари, без закана од казна. Било време за слободен говор: августанскиот поет Хорациј го нарекува „декемвриска слобода“. Во две сатири поставени за време на Сатурналија, Хорациј има роб кој му дава остра критика на својот господар. Меѓутоа, сите знаеле дека израмнувањето на социјалната хиерархија е привремено и има граници; на крајот не биле загрозени никакви општествени норми, бидејќи празникот имал крај. Io Saturnalia! Фразата io Saturnalia била карактеристичниот извик или поздрав на фестивалот, кој првично започнувал по јавниот банкет на 17 декември. Извикот io (грчки ἰώ, ǐō) се изговара или со два слога (кратко И и долго О) или како единечен слог (при што i станува латинската согласка j и се изговара yō). Тоа било силно емотивен ритуален извик или повикување, што се користело на пример при објавување триумф или славење на Бакх (бог на виното), но и за интерпункција на шега (како што Шелдон вели „Базинга“). Од Сатурналија до Божик Со ширењето на христијанството, Сатурналија полека одела во заборав. Но, Сатурн останал да живее преку духот на Божик. Зошто? Денот на раѓањето на Исус Христос е непознат за историјата. Тоа претставувало проблем за раните христијани кога оваа религија почнала енормно да се шири. Во IV век папата Јулиј I издал декрет кој наредувал роденденот на Исус да се слави на 25 декември. Овој папа знаел многу добро што правел. За лесно да го популаизира Божик кај христијаните, но и да преобрати од топлата народ која сѐ уште ги славела старите богови, го одбрал овој датум за да создаде христијанска алтернатива на Сатурналија. И не само што направил таква алтернатива, туку тука го поврзал и древниот римски култ на Непобедливото Сонце (Sol Invictus), кој се славел токму на 25 декември и кој во времето на Јулиј I бил страшно популарен, и покрај налетот на христијанството. Сатурналија денес Денес наследството на Сатуралија се гледа во Божик. Луѓето си разменуваат подароци, се седнува на богата трпеза, а украсувањето на домовите и улиците потсетува на карневалската атмосфера на старите Римјани, кои милувале да палат факели и восочни свеќи во чест на Сатурн. Во различни христијански цркви низ вековите се практувале и други традиции кои потекнуваат од Сатурналија. На пример, во средновековна Англија и Шкотска за Божик се бирал Игумен на неразумот, кој како Кралот на Сатурналиите им давал глупави наредби на останатите. Во истиот период во Швајцарија и Франција се бирал Епископ на денот, со иста задача. Во некои делови на Франција, за време на мандатот на епископот, вистинското свештенство носело маски или се облекувало во женска облека, што претставува пресврт на улогите во согласност со традиционалниот карактер на Сатурналија. Remote video URL антички Рим Автор/Извор Ф.З. Прикажи во метро On