Премиерката на Италија, Џорџа Мелони пред пратениците на Долниот дом на Парламент изјави дека најголемиот непријател на Европска Унија не е надвор од блокот, туку сопствената неодлучност. -Убедени сме дека сложеноста на овој момент бара прагматичен пристап способен да оди подалеку од идеолошкиот догматизам. Верувам дека ова е најдобриот начин да се одговори на новата безбедносна стратегија на Америка. Бесмислено е и штетно да се извршуваат напади против имагинарен непријател, вистинскиот непријател е нашата неспособност да изнаоѓаме решенија, истакна Мелони пред претстојниот Самит на ЕУ. Таа наведе дека нема да биде лесно да се изнајде законски начин за искористување на руските замрзнати сметки за финансирање на Украина. Мелони ја повтори поддршката на Италија за Украина, инсистирајќи дека Москва мора да плати за воените штети, нагласувајќи дека секоја акција на ЕУ бара солидна правна основа. Според неа, Русија поставува „неразумни“ барања за мировната иницијатива во Украина, посредувана од САД. Таа го критикуваше и предлог-буџетот на Европска комисија за периодот 2028-2034 година, истакнувајќи оти во таква форма не е прифатлив за Италија. -Предлогот на ЕК вклучува зголемени придонеси и намалени средства за традиционалните политики кои се клучни за нас, како што се заедничката земјоделска политика и кохезиската политика. Отворено ќе кажам: нема да прифатиме да плаќаме повеќе за да добиеме помалку, посочи Мелони. (МИА)