Унгарскиот премиер Виктор Орбан упати предупредување до Белгија да не се согласи со плановите на Европската комисија за користење на замрзнатите руски државни активи за помош на Украина, пренесува ДПА. Пред утрешниот самит на ЕУ во Брисел, Орбан изјави дека конфискацијата на овие средства би ја изложила Белгија на сериозна опасност, бидејќи го нарушува меѓународното право и ги загрозува белгиските компании кои управуваат со тие средства. -Секој судски спор ќе биде изгубен и на крајот некој ќе мора да ги врати конфискуваните средства, порача Орбан. Тој откри дека во кореспонденција со рускиот претседател Владимир Путин добил уверување дека Москва ќе одговори со сите законски средства, но и дека ќе ја земе предвид индивидуалната позиција на секоја земја-членка на ЕУ. Планот предвидува средствата на Руската централна банка да се користат за долгорочни заеми за Украина. Улогата на Белгија е клучна бидејќи белгиската компанија „Јуроклир“ (Euroclear) управува со околу 185 милијарди евра од вкупно 210-те милијарди евра замрзнати руски средства во Унијата. Иако одлуката теоретски може да се донесе со квалификувано мнозинство, Унгарија останува на ставот дека нема да го поддржи овој предлог на претстојниот самит, каде идејата ја ужива поддршката на германскиот канцелар Фридрих Мерц и други влијателни европски лидери. (МИА)