Соединетите Американски Држави одобрија продажба на оружје на Тајван во вредност од околу 11,1 милијарди долари, со цел да се зајакне одбранбената способност на островот. Агенцијата за одбранбена безбедносна соработка на САД (DSCA), во осум посебни соопштенија со детали за продажбите, наведе дека тие „ќе помогнат во подобрувањето на безбедноста на примателот и ќе помогнат во одржувањето на политичката стабилност, воениот баланс и економскиот напредок во регионот“. Пакетот вклучува самоодни хаубици и сродна опрема во проценета вредност од 4,03 милијарди долари, високомобилни артилериски ракетни системи (HIMARS) и соодветна опрема во вредност од околу 4,05 милијарди долари, софтвер за тактички мрежни мисии, опрема и услуги во вредност од околу 1,01 милијарди долари. DSCA соопшти дека продажбата „ќе ја подобри способноста на примателот да се справи со сегашните и идните закани преку зајакнување на самоодбраната на неговите сили. Примателот нема да има потешкотии да ја апсорбира оваа опрема и услуги во своите вооружени сили“. Американската агенција, исто така, нагласи дека продажбата „нема да го промени основниот воен баланс во регионот“. Договорот веројатно ќе предизвика гнев кај Пекинг, кој ја отфрла секоја официјална размена меѓу САД и Тајван. Властите во Пекинг го сметаат Тајван за дел од Народна Република Кина, иако островот има своја независна влада од 1949 година, потсетува ДПА. Тајван во ноември најави дополнителен буџет од 1,25 трилиони нови тајвански долари (40 милијарди американски долари) за период од следните осум години. Претседателот Лаи Чинг-те изјави дека овој потег ја потврдува посветеноста на островот за зачувување на неговата демократија. Тој додаде дека Тајван планира да ги искористи средствата предвидени за периодот 2026-2033 година за финансирање нови набавки на оружје од САД и за зајакнување на своите асиметрични одбранбени капацитети.