Орбан: Срамно е како ЕУ се однесува кон Србија

Орбан: Срамно е како ЕУ се однесува кон Србија Филип Здравески 18.12.2025 / 09:52 Регион Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Србија е клучна земја во Западниот Балкан и дека начинот на кој Европската Унија се однесува кон Белград е срамен и неправеден. Орбан го изјави ова пред самитот на Европската Унија и земјите од Западен Балкан во Брисел, одговарајќи на прашање за отсуството на Србија од состанокот, објавија регионалните медиуми. Рече дека Западен Балкан претставува економска резерва на злато за Европската Унија и дека Србија игра клучна улога во регионалната стабилност и заштитата на Европа од мигрантските текови. „Не можеме ништо да направиме без Србија. Она што се случува тука, мислам на третманот и однесувањето кон Србија, е срамно. Тоа е целосно неправедно и неприфатливо“, рече Орбан. Унгарскиот премиер истакна дека Србија сочинува повеќе од една третина од вкупното население на Западен Балкан, додека, според него, најмалку половина од економијата на регионот е поврзана со таа земја. Додаде дека околу две третини од извозот на Западен Балкан е поврзан со Србија. „Без Србија, невозможно е да се направи нешто на Западен Балкан“, тврди Орбан. Оцени дека, за да се најдат решенија за постојните предизвици, Европската Унија прво треба да ја прифати Србија како членка, а дури потоа да го продолжи процесот на проширување со другите земји во регионот. „Ние го правиме токму спротивното. Не е добро. Лошо е, неправедно и срамно. Затоа ние Унгарците мора да ја поддржиме Србија да продолжи напред“, заклучи Орбан. Српскиот претседател Александар Вучиќ претходно изјави дека Србија нема да присуствува на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел, наведувајќи дека не сака владата на земјата да трпи притисок, но повтори дека Белград останува посветен на членството во ЕУ. Виктор Орбан Србија ЕУ Автор/Извор Макфакс Прикажи во метро Off