Заменик-директорот на ФБИ во јануари се повлекува од функцијата

Заменик-директорот на ФБИ Ден Бонџино соопшти дека следниот месец ќе се повлече од функцијата. Бонџино, кој пред да ја преземе функцијата работеше како водител на конзервативно радио, во објава на Х соопшти дека „ќе ја напушти својата позиција во ФБИ во јануари“. Американскиот претседател Доналд Трамп, кој му помогна на својот исклучително лојален поддржувач да ја добие оваа висока функција во органите на редот и покрај тоа што Бонџино немаше претходно искуство во ФБИ, ја коментираше неговата оставка пред новинарите, велејќи: „Ден заврши одлична работа. Мислам дека сака да се врати на својата емисија“. Пред неговото именување за заменик-директор на ФБИ, Бонџино, како телевизиски коментатор на Фокс Њуз и во неговите десничарски подкасти, ширеше теории на заговор, вклучително и за смртта на сексуалниот престапник Џефри Епстин. Бонџино го ширеше тврдењето дека самоубиството на Епстин со бесење во затвор можеби било убиство извршено од влијателни елити. Откако беше унапреден во највисокото раководство на моќната федерална агенција, Бонџино се приклони кон официјалната верзија дека Епстин се самоубил. Според локалните медиуми, тој влегол во конфликт со јавната обвинителка Пам Бонди околу ракувањето со досиејата за Епстин, жалејќи се на недостиг на транспарентност. Исто како и Бонџино, и сегашниот директор на ФБИ, Каш Пател, се смета за непоколеблив лојалист на Трамп со склоност кон теории на заговор. Критичарите велат дека и на Пател му недостасуваат квалификации за работата и оти му помогнал на Трамп да го искористи ФБИ како политичко оружје за сопствени цели, пренесе ДПА.