Калас: Нема да донесеме одлука за финансирањето на Украина со која Белгија не би се чувствувала удобно

ЕУ работи на предлози за решавање на белгиската загриженост за подеднаква распределба на ризикот и товарот од планот за заемот за репарации за Украина и нема да биде донесена никаква одлука со која Белгија не би се чувствувала удобно, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас пред почетокот на Самитот на ЕУ. - Многу земји членки рекоа дека согласноста на Белгија е многу важна, па затоа не мислам дека ќе продолжиме без Белгија да се чувствува удобно, рече Калас. Според неа, во моментов заемот за репарации е најизводливата опција од сите предлози кои се на маса за обезбедување средства за покривање на финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година. - Треба да работиме на тоа, како што сме пробале и со други работи претходно, рече Калас, оценувајќи дека шансите за постигнување договор за заемот за репарации се 50-50. Таа оцени дека одлуката за финансирање на Украина е неопходна во моментов за да се изврши поголем притисок врз Москва, бидејќи не се гледа никаква подготвеност од руската страна за сериозни разговори за мир. - Се надевам дека ќе заврпиме со ова до крајот. (Рускиот претсдетаел Владимир) Путин се надева на нашиот неуспех, па затоа не треба да го дозволиме тоа. Мора да покажеме дека сме силни, додаде Калас. Таа додаде дека на Самитот ќе се одржи дебата и за проширувањето, која ќе следи по вчерашниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел. - Мислам дека ова, исто така, е клучен момент што треба да го искористиме за да ја зајакнеме нашата политичка моќ. Кога има гласови што велат дека Европа не е добра, имаме многу земји што сакаат да ѝ се приклучат на Европа. Значи, дефинитивно имаме нешто добро и мора да го искористиме тоа и продолжиме понатаму со цел да дојдат земји и да ѝ се придружат на Европската Унија, заклучи Калас.