ЗХГ со апел до скопските градоначалници: Скопје меѓу најзагадените градови во светот, не сакаме огномет за Нова година

ЗХГ со апел до скопските градоначалници: Скопје меѓу најзагадените градови во светот, не сакаме огномет за Нова година Филип Здравески 18.12.2025 / 11:51 Македонија Активисти на граѓанската иницијатива Зелен хуман град со апел до сите скопски градоначалници да се откажат од огномет за Нова година. „Ја пренесуваме пораката на стотици сограѓани кои секојдневно ни пишуваат: Не сакаме огномет за Нова година никаде во Скопје. Скопје повторно е меѓу најзагадените градови во светот, со енормно високи концентрации на PM2.5 и PM10 честички. Во вакви услови, секоја дополнителна детонација е директен удар врз здравјето на луѓето и врз животната средина. Како јавни службеници избрани од граѓаните, имате обврска да ги заштитите од загадување, од бучава, од вознемирување и влошување на здравјето, а животните од стрес, паника и потенцијална смрт.“ Организирање огномет од јавни пари по сите научно докажани информации кои ги споделивме, како што појаснуваат од таму, е свесна одлука, да се игнорира реалноста на штета на сите нас. Од Зелен хуман град додаваат дека штетните политички одлуки не ги плаќаме само со нашите тешко заработени пари, ги плаќаме, како што истакнуваат, со најскапоценото, нашето и здравјето на тие што ги сакаме. „Јавно ќе ги објавиме имињата на сите скопски градоначалници кои ќе се обврзат дека за Нова година нема да организираат огномет. Скопје знае да слави достоинствено.“ Потсетуваме, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека оваа година на прославата огномет нема да има. „Потегот на градоначалникот го сметаме за позитивен, но истовремено сметаме дека не смее една ваква клучна материја да е нечие дискреционо право. Денес овој градоначалник донел позитивна одлука, утре некој друг нема да донесе таква. А, останува фактот дека огнометите и пиротехниката на хартија се дозволени со поседување лиценци и обезбедување стручни лица кои ќе ракуваат со неа. Оттука, инсистираме оваа високоризична материја да се нормира и законски да се забрани експлицитно и на отворен и на затворен простор“, велат од граѓанската иницијатива. Оттаму потсетуваат и на нивното барање што побрзо Собранието да усвои законски измени и да забрани огномет и каква било пиротехника и на затворено и на отворено. „Скопската централна новогодишна прослава без огномет претставува мал, но значаен чекор кон подобрување на квалитетот на животот на најранливите групи граѓани во Скопје, намалување на преголемото загадување на воздухот, како и на сите медиуми на животна средина и, се разбира, етички чекор кон тоа безгласните жители на Скопје, животните, да не доживуваат енормен стрес и потенцијална смрт за 3 минути 'забава'. Секако ова не ги спречува бројните несовесни граѓани кои новогодишните празници ги доживуваат како погоден момент на своја рака да испалуваат огномет и разни пиротехнички средства и поради ова апелираме и очекуваме Министерството за внатрешни работи да е на висина на задачата, особено на дочекот на Новата година“, велат од Зелен хуман град. загадување Нова Година Зелен хуман град Автор/Извор Макфакс Прикажи во метро Off