Љутков потпиша Меморандум за соработка за одржлив туризам со Швајцарската програма – ИМЕ

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков и  Горан Дамовски директор на Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува рамка за долгорочно и системско партнерство насочено кон унапредување на туристичкиот сектор во државава. Со Меморандумот се потврдува заедничката заложба за развој на туризмот како еден од клучните двигатели на домашната економија, преку координирано дејствување, споделување знаења, експертиза и меѓународна практика, како и преку поддршка на процесите на преструктурирање и модернизација на секторот. Посебен акцент се става на одржливиот туризам, како концепт што обезбедува долгорочен економски раст и заштита на природното и културното наследство. Соработката предвидува активно заедничко учество во креирањето на визијата и стратегиските насоки за развој на туризмот, формулирање на политики, акциски планови и програми за поддршка, како и јакнење на правно-организациската рамка на секторот преку техничка помош и ангажман на домашна и на меѓународна експертиза. Во фокусот е и унапредувањето на соработката меѓу сите чинители во туристичко-угостителскиот сектор – институции, приватен сектор, комори, асоцијации и образовни установи – со цел поголема кохезија и заедничка одговорност за развојот на дестинациите. Меморандумот отвора можности за реализација на заеднички активности насочени кон јакнење на капацитетите на човечкиот потенцијал, развој на конкурентни туристички производи и подобрување на промоцијата и пристапот до домашниот и до меѓународните пазари, во согласност со принципите и стандардите на Глобалниот совет за одржлив туризам (GSTC). По потпишувањето на Меморандумот, министерот за култура и туризам Зоран Љутков истакна дека ова партнерство претставува значаен чекор кон градење  модерен, одржлив и конкурентен туристички сектор, кој ќе создава нови можности за вработување, ќе го поттикнува локалниот развој и ќе ја позиционира Северна Македонија како одговорна и атрактивна туристичка дестинација на меѓународната мапа. Директорот на Швајцарската програма ИМЕ, Горан Дамовски, посочи дека Швајцарија, преку Програмата ИМЕ, подолг временски период активно дејствува во туристичкиот сектор во земјава, обезбедувајќи поддршка насочена кон подобрување на вработливоста, развој и унапредување на квалитетот на туристичката понуда. Продолжувањето и продлабочувањето на соработката со Министерството за култура и туризам доаѓа во момент кога туризмот добива засилен и стратешки фокус како еден од клучните двигатели на економскиот раст и локалниот развој. Со овој Меморандум, Министерството и Швајцарската програма ИМЕ ја потврдуваат заедничката визија дека инвестицијата во знаење, партнерства и одржливи политики е најсигурниот пат кон долгорочен развој и стабилност на туристичкиот сектор и економијата во целина.