Димовски ги претстави можностите за инвестирање пред менаџментот на Philips

Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски заедно со владина делегација го посети центарот за иновации на Philips – „Best Campus“, во Ајндховен, Холандија, каде беа презентирани инвестициските можности кои ги нуди Македонија и ТИРЗ. Беа разгледани напредните производствени погони на компанијата, како и широкиот спектар на здравствени иновации. Директорот Димовски ги претстави можностите кои ги нудат технолошките индустриски развојни зони, со осврт на клучните поттикнувачки мерки и придобивки за инвеститорите. „ТИР зоните нудат конкурентни услови кои гарантираат економски раст и развој на инвеститорите. Со стабилната и предвидлива деловна клима, современата инфраструктура, гринфилд инвестициите добиваат цврста основа за успешна и долгорочна реализација. Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места, а во исто време создаваат додадена вредност за целата економија.“ Од страна на менаџментот на Philips беше изразен особен интерес за можностите за продлабочување на соработката, при што беа презентирани и најновите иновациски решенија на компанијата во областа на здравството, со фокус на дигиталната трансформација на здравствените системи, напредните дијагностички технологии и интегрираните решенија за подобрување на квалитетот и ефикасноста на здравствените услуги. Во тој контекст, беа разменети мислења за потенцијалите за идна соработка, како и за можностите за реализирање на инвестициски проекти кои би придонеле кон трансфер на знаење, примена на современи технологии и отворање нови високо-квалификувани работни места. Центарот за иновации на Philips во Ајндховен – „Best Campus“ е една од најважните точки за високотехнолошки иновации во здравството. Кампусот е отворен во 1971 година, а денес е еден од најголемите кампуси во рамките на Philips во светот, со околу 3.500 вработени и најсовремени технолошки решенија од областа на IMT (Image Guided Therapy), магнетна резонанца, дијагностички рендген, компјутерска томографија и слично.