Ете, ни стигна уште една декларација од началството на Европската Унија, декларација за Балканот. Нема да ставам З, демек Западен, како што не ставам ни С. пред мојата земја Македонија. Вие го поделивте Балканот, ние сакаме да си го имаме цел за нас, оти ние сме Балканци. Можат ли Балканци и Европејци да живеат во една конструкција каква што е Европската Унија? Ние покажавме дека сакаме, покажавме волја, дека Европа е нашиот заеднички дом, ама вие како да се срамите од Балканците. Има тука расизам, има… Си реков, ајде да ја анализирам таа декларација за Балканот, ама нема што да се анализира тука. Тоа е сѐ исто, па исто. Правете реформи, работете, па борба со корупцијата, носете закони, па пак реформи и реформи, ааа, и уште не била завршена сукцесијата на поранешната заедничка држава, па сега велат ќе почекате и ние ќе треба да се реформираме, пишува Христо Ивановски за НОВА МАКЕДОНИЈА . Тоа не го кажуваат толку гласно, зашто они се Европејци, и кога станува збор за нив тие зборуваат тивко. Шепотат за нивните реформи. Дали слушнавте нешто за реформи поврзани со миграцијата? Не многу, нели. Што е причината? Да не се паничи, или нешто друго?! Што има ние да паничиме, па низ Македонија поминаа над еден милион мигранти. Грција ни ги пушташе на дозиметар, а честопати и прекутрупа, преку планински патчиња. Па на крајот рековте едно тивко – ви благодариме што се покажавте добри за време на миграциската криза. Не бевме добри, ние бевме одлични. Сега се размислува и за нов, некаков проширен мандат на Фронтекс. До каде ќе оди пендрекот на Фронтекс? Не знаеме, оти во Брисел се шепоти. Не се зборува ниту во Стразбур, а штама е и во Виена (ОБСЕ). Можеби некакви информација одат по дипломатски канали, но јавноста сепак е заобиколена. Додека ја пишувам мојата редовна колумна, отчукуваат последните часови пред европскиот самит најавен како „да се биде или не“. Што ќе биде топ тема? Украина и како да се финансира, која се жртвува за европските идеали, а доби… Што доби Украина? Или можеби е подобро да прашам што загуби Украина? Зарем ЕУ нема доволно пари, па мора да ги граба замрзнатите руски финансии од некои 200 милијарди евра?! Еднаш се обидоа да им го направат тоа за време на финансиската криза, па Москва ги префрлаше парите од Кипар низ банките низ Европа. Мислам дека голем дел од нив отидоа во Дојче банк. За мене тоа беше чудно, но не ми е доволно познат тој финансиски свет. Да се биде или не е затоа што ЕУ не е компактна по ова прашање, но не само по ова. Оти едно е да ги здиплиш парите и да ги ставиш во некаков си фонд за обнова на Украина, а друго се последиците од таквиот потег. А ќе ги има, зашто светските финансиери и држави на Европа ќе гледаат како на несигурно место за своите финансии, компании, инвестиции, проекти…. ЕУ не е компактна ни по прашањето за мигрантите, ниту, пак, за трговскиот договор со земјите од Латинска Америка – МЕРКОСУР. Можеби на Макрон нема да му се случи тракторска револуција, во која тој ќе биде соборен, но дека ќе има бунт на тракторите, тоа е сосема сигурно. Во прашање се милијарди што голем дел од европските земјоделци, особено тие во Франција, ќе ги загубат поради слободната трговија со Бразил, Аргентина и другите земји од Латинска Америка. Е, сега тоа е, пак, шанса за некои други европски земјоделци и еве ја големата пукнатина, европскиот земјоделски кањон во кој можат да пропаднат многу европски лидери. Тоа не е малата Македонија, станува збор за големи земји, за земјоделски држави. Милиони тони жита, месо, но и хектолитри вино. Евтино винце како конкуренција на скапите француски вина. Ние знаеме дека поради санкциите кон Русија какви загуби имавме, а некои сектори никогаш не застанаа на нозе. Тоа ли ја чека Европа? Кога на ова ќе ги додадеме проблемите во индустријата на Германија, која забрзано се подготвува да се престрои во наменска, односно да произведува оружје, а притоа на климави нозе се автомобилските гиганти во Штутгарт и во Минхен, јасно е дека проблемите само растат. Затоа не е за чудење онаква чисто бирократска декларација, но и потези што го ставаат Балканот во некаков санитарен кордон. Фрчат вета и тие нема да престанат. Бугарија сега е голем фактор, зашто за Европа во моментов е многу важно источното крило, односно балтичките, нордиските земји, како и Полска, Романија и Бугарија, кои треба воено да се билдаат за да бидат европскиот бедем за евентуална руска агресија. Затоа сега и не е време Бугарија да се притиска за „македонското прашање“, напротив, политиката кон Софија само се олабавува. Ќе се стегаат Македонија и Србија, полабаво и Црна Гора и Албанија, иако и за нив патот кон Брисел не е целосно отворен. Има доста тунели што ќе требаат да се ископаат. Да заклучиме или рано е за заклучоци? Сепак, ќе си дозволам да кажам дека европските лидери, Мерц и Макрон, заедно со „европската бегалка“ претставена од премиерот Стармер, играат на украинска карта. Таму им е целиот фокус. И физички и ментално и воено, како сакате. Тие во Украина сметаат дека не смеат да бидат поразени и по цена да ја срозат цела Европа. Им требаат украинските ресурси, а ги има многу, иако Украина станува мал базен за големите крокодили. Но како да се постигне тоа? Кохезивните сили на ЕУ слабеат, а расте идејата за суверенизам и за одбрана на националните интереси. Пред само една недела тим од администрацијата на Трамп во Вашингтон го пречекал тимот на Алтернатива за Германија (АфД). Што значи ова? Еве ќе ви кажам еден пример. Во 2004-2005 година работев на проект во САД и истражував на тема како се позиционираат врвните американски колумнисти во време на кампања, односно избори. Налетав на една колумна во „Волстрит џурнал“ каде што авторот напишал дека Белата куќа треба да застане зад еден перспективен лидер што би бил извонреден за американско-француските односи. Тие во Николас Саркози го видоа тој лидер. И тој стана претседател. Ова што сега му се случува е дел од поновата историја, која е ставена во насловот на оваа колумна. Да, Брисел ги игра последните чекори на својот неолиберален танц. Почнуваат да го губат тактот, да ги мешаат чекорите, доцнат со потезите. Доаѓа новото во Европа, сакале ние или не. Ако, пак, Европа мисли дека со војна ќе го реши својот идентитетски проблем, можам само да кажам дека жалам за тоа и жалам за сите европски мислители што верувале во некаков сон за единствена Европа. Очигледно е дека овие што сега ја водат Европа, ја водат кон голема неизвесност. Но секогаш имало лидери што сметале дека дури и војната е решение. Пораката на главните европски лидери денес, значи Стармер, Макрон и Мерц, е „подготвувајте се да ги жртвувате вашите синови и ќерки“. И така од промашен танц, неолиберална Европа ќе учи воен марш. Каков ужасен крај!? Христо Ивановски за НОВА МАКЕДОНИЈА