Тоевски: Политиката што дебатира со тупаници, клоци и уцени нема право да дели лекции по демократија

Размена на навреди и закани што завчера резултира со тепачка помеѓу лидерот на партијата Морал, единство, чест (МЕЧ), Радостин Василев, и пратеникот Ѓунај Далооглу од пратеничката група на партијата ДПС – Нов почеток, во пленарната сала на бугарското собрание, повторно ги доведува во прашање стандардите на бугарската демократија. Згора, Василев потоа, во изјава за медиумите, беше категоричен дека неговата парламентарна група е подготвена да ги премине границите на добрите манири, велејќи, „подготвени сме за физички судири, за да се одбраниме“. Тоа значи допрва може да се очекува нова „демократска размена“ на тупаници и клоци во врвната бугарска институција, како негов „начин за функционирање“ во оваа соседна држава, во која политичката ситуација сѐ повеќе зоврива, пишува Свето Тоевски за НОВА МАКЕДОНИЈА . Ниските стандарди на бугарската демократија Завчерашната тепачка во бугарскиот парламент ја наметнува дилемата: како може Бугарија со вакво недемократско однесување во „храмот на својата државност“ нам да ни дели лекции за демократија, за добрососедство, па и за државност, имајќи предвид што сѐ бара од нас?! Физичката пресметка помеѓу политичките чинители во Бугарија е само дел од една серија настани и поврзани примери со нефункционалните институции во Бугарија, поради долготрајната политичка криза, непочитувањето на човековите права на малцинствата, пред сѐ на Македонците, а потоа тука спаѓаат и непочитувањето на пресудите од европските судови и пропагирањето на фашизмот преку таканаречениот Луков марш. Бугарија е длабоко навлезена во повеќеслојна криза, а институциите покажуваат тешки симптоми на некоординираност и нефункционалност. Македонците во Бугарија остануваат исклучени од државните програми и тела, без можност за основање партии или организации, како што долгорочно нотираат европските извештаи. Притоа, неисполнетите пресуди на Европскиот суд на правдата од страна на официјална Софија остануваат долгорочен проблем. Бугарија исто така го одржува споменот на фашизмот кога секоја година во Софија се организира таканаречениот Луков марш, чии учесници шетаат со нацистички симболи. Манифестацијата беше придушена по предупредувањата од ЕУ, но во суштина и натаму постои. Најпрвин Софија да ја врати земјата на вистинските демократски вредности Градоначалникот на Варна, Благомир Коцев, неодамна побара Европската Унија да го запре тонењето на Бугарија кон авторитаризам и да најде ефикасен начин, засилувајќи го притисокот врз официјална Софија, да ја врати земјата на вистинските демократски вредности бидејќи постојат сѐ повеќе индикатори за тешки „саботажи“ и уривање на владеењето на правото во Бугарија, вклучувајќи го и негово лишување од слобода под обвинение за корупција. Христо Панчугов, политиколог новинар и едно од најпрепознатливите лица на граѓанското општество во Бугарија, на 15 декември во емисијата „Контракоментар“, изнесе свое компетентно видување на актуелната политичка ситуација во Бугарија, нагласувајќи дека „моментната ситуација не е само привремен политички ќор-сокак или партиски проблем“ туку тешка ерозија на демократијата и „длабок распад на институциите и моделот на управување“. – Кризата во Бугарија не е само политичка туку е системска, тоа е криза на довербата и способноста на елитите да водат значајни разговори. Механичките коалиции и компромиси, како оние меѓу ПП-ДБ и ГЕРБ, не успеваат да произведат стабилност, туку наместо тоа, ја продлабочуваат недовербата кај гласачите. Не постои лидерство во Бугарија. Партиите се претворија во „гласачки корпорации“, кои не нудат вистинска визија за иднината и се фокусираат само на нивниот опстанок на власт – посочува Панчугов, а бугарскиот информативен портал „Корупција.бг“ ги пренесува овие негови аналитички коментари. Има ли сѐ уште некој доверба во бугарските институции? Во анализата со наслов „Рекордна недоверба кон институциите, силна поддршка за протести и очекување за нови партии, покажува студијата на Алфа рисрч“ бугарскиот портал „Банкер“ пред три дена објави дека се продлабочува недовербата кон институциите, оти јакне и онака веќе силната јавна поддршка за масовните протести и се зголемуваат песимистички очекувања за иднината на бугарската држава, што покажало и националното репрезентативно истражување на „Алфа рисрч“, спроведено од 5 до 12 декември меѓу илјада возрасни граѓани на Бугарија. – Оваа 2025 година во Бугарија завршува со масовни протести и оставка на владата на Росен Жељазков. Довербата во клучните институции достигна историски најниско ниво, а политичкото раководство е во длабока криза. Парламентот е институцијата со најниска доверба – само 5 отсто одобрување наспроти 69 отсто неодобрување. За владата има 58 отсто негативно мислење, а за премиерот Росен Жељазков – 49 отсто недоверба. Претседателот Румен Радев има највисок институционален рејтинг, но и кај него има пад на довербата за 4 поени на 35 отсто, наспроти 33 отсто недоверба и 32 отсто неутрален став – сумира „Банкер“ во својата анализа. И како треба сега ние, Македонците, но и сите граѓани на македонската држава, да пристапуваме кон барањата и наредбите, кои ни доаѓаа во изминативе години од клучните бугарски институции и личности, но кои доаѓаат и натаму?! Брисел да се дистанцира од бугарските недемократски лекции Штом бугарскиот народ нема доверба и ја отфрла работата на својот парламент, на својата влада, на премиерот, треба ли, пак, ние во Македонија да ги прифаќаме ставовите на бугарскиот парламент, влада и премиер во врска со нашите македонски државни и национални работи, треба ли да им ги дозволуваме нивните мешања во внатрешните работи на Македонија?! Во ситуација кога е забележливо целосно отсуство на демократија во Бугарија, попусто е да се бара соговорник во Софија со кого би се разговарало по кое било прашање во меѓусебните односи. Внатрешните работи на Бугарија нека си останат внатрешни работи на оваа држава и на бугарскиот народ, нека си функционираат нивните институции како што ќе функционираат. Но и внатрешните работи на Македонија мора да си останат внатрешни работи на македонската држава, нашите внатрешни институции мора да си функционираат во согласност со нашите внатрешни политички околности и потреби. Без да ни „делат“ нам „бугарски лекции“ за македонското национално прашање и неговите јазични и историски аспекти. И Брисел конечно треба да го сфати тоа. Свето Тоевски