Героски: Венко Филипче, немој да провоцираш, човече!

Судејќи според информациите од годишниот самит на Европската унија во Брисел, претставниците на земјите-членки и на Европскиот парламент вчера постигнале договор за новите правила што им дозволуваат на земјите-членки да ги депортираат барателите на азил во „безбедни трети земји“. Спогодбата треба да овозможи испраќање на барател на азил во земја надвор од ЕУ што се смета за „безбедна“, дури и ако нема претходна врска со неа. На пример, кога постои договор или аранжман помеѓу „третата земја“ и државата на ЕУ, пишува Бранко Героски за ПЛУСИНФО . Ова е уште еден обид на Унијата да создаде правна рамка, со која ќе ја оправда крајно лицемерната антимигрантска хистерија и ќе се обиде да создаде одржлив модел за депортација на мигрантите во „трети земји“. Досегашните експерименти за еден вака замислен, нехуман и антицивилизациски, трансфер на илјадници луѓе во земји далеку од границите на ЕУ се покажаа неуспешни и неодржливи. Причина за неуспехот на таа нова антимигрантска политика е ноторниот факт дека земјите членки на Унијата имаат потреба од евтина работна сила – тие со години, па и со децении, таа потреба ја задоволуваа со неконтролиран и неорганизиран „увоз“ на бегалци од светските кризни подрачја. Денес, кога западните земји се соочуваат со страшните последици од лошите мигрантски политики – кои од вредните и работливи мигранти правеа зависници од социјална помош, кои создаваа генерации мигранти без реална потреба да се интегрираат во западните општества, кои беа без свест за опасностите од регрутација на неинтегрираните мигранти од страна на светските мрежи на тероризам, трговија со дрога и други белосветски зла – денес Европа чарето го бара во нешто што безмалку до вчера не смееше ни да се спомне во лажниот „прогресивистички“ политички вокабулар. Чарето сега без многу скрупули отворено се нарекува „депортација“, или, еуфемизирано за да не биде толку грубо и нехумано какво што е, „трансфер во трети земји“. Не било какви, туку „безбедни земји“. СДСМ „јава“ на ветрот на антимигрантската хистерија во Европа Во такви околности, Венко Филипче и СДСМ решија да го распнат едрото на својот тешко оштетен кораб (оштетен од многу џиткања на сидрото да влече напред), да фатат ветер во грбот и да кренат антимигрантска паника. Измислија приказна дека „предавничката влада“ на Христијан Мицкоски склучила дил со Лондон за прием на мигранти од Велика Британија за пари. Потоа преку ноќ креираа антимигрантски наративи на кои можат да им позавидат и најдесничарските европски режими. Па почнаа да глумат „патриоти без причина“. Некој во СДСМ, кому можеби му текнало дека фактите сепак се поважни од лагите и од манипулациите, можел да прочита нешто и да научи дека два такви експеримента во Европа веќе доживеаја тотален крах – билатералните договорите меѓу Италија и Албанија за трансфер на 36.000 мигранти годишно и сличниот договор меѓу Велика Британија и Руанда. Тие експерименти се случуваат во последниве четири години. Двете европски велесили имаат истурено огромни пари за овие проекти, итрите „трети земји“ (Албанија и Руанда) парите ги имаат лапнато ко локумчиња, а мигранти засега не се „трансферирани“. Некој во СДСМ можел сево ова темелно да го истражи, да го изанализира и да сфати дека причината за неуспехот на овие проекти е тоа што животот понекогаш умее да биде посилен од антимигрантската хистерија и од блесавите планови што ги смислуваат бриселските бирократи. Тој некој на Бихаќка што умее да чита и да разбере – има ли таков, аман? – можел да сфати дека мигрантите ширум Европа и нивните домаќини имаат интереси кои се поклопуваат: едните бараат работа и засолниште за себе и за своите семејства, а другите се во потрага по евтина работна сила, која не можат да ја обезбедат во доволни количини дури ни со „увоз“ од таканаречените „безбедни трети земји“. Патем речено, таа формулација е признание дека тие „трети земји“ (во кои некои ги вбројуваат и земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија), денес де факто се побезбедни од многу западни земји, за кои до вчера мислевме дека се царство на ред, поредок и хармонија и подрачја во кои владеат правото, човековите права, хуманоста и највисоките цивилизациски вредности. Но ете, тој некој во СДСМ не добил шанса да чита и да учи, да анализира и да размислува со своја глава. Шанса добиле букачите и луѓето кои само во неодговорноста и во хаосот што може да го предизвикаат, гледаат шанса за опстанок, па дури и за пресврт. Антимигрантската хистерија поттикнува расизам и ксенофобија За да ги спречи антимигрантската хистерија во Македонија и шпекулациите дека направила дил со Велика Британија „мигранти за пари“, владата на Христијан Мицкоски експресно состави резолуција, владејачкото мнозинство во парламентот веднаш ја усвои, а СДСМ најави дека ќе ја оспори пред Уставниот суд. Во таа резолуција – чиј текст, да бидам искрен, не е составен по мојот вкус – има и една важна и паметна работа. Во неа „се повикуваат сите политички субјекти и јавни чинители на одговорност во јавниот говор, почитување на фактите и воздржување од ширење лаги и манипулации кои можат да предизвикаат општествени тензии и да го нарушат јавниот ред и мир“. СДСМ, пак, смета дека токму овој дел од „предавничката резолуција“ претставува закана за слободата на говорот и обид да се наметне цензура. А нема поголем борец против цензурата од СДСМ, нели, тоа е општо познато (мене, пак, посебно ми е познато). Наспроти ова, јас одговорно тврдам дека ако во оваа земја постои минимум ред и поредок и ако барем малку владее правото, антимигрантската кампања на СДСМ мора да се спречи со сите законски средства и со одлучна акција на спроведувачите на законот. За ова постојат две добри причини: Прво, антимигрантската хистерија по дефиниција поттикнува расизам и ксенофобија. Ширењето расистички и ксенофобични содржини е казниво со експлицитна одредба на нашиот Кривичен законик. Во Македонија, според правна рамка усвоена и усогласена за време на владеењето на СДСМ, легално се вработуваат луѓе од земји од источни земји. Не станува збор за голем контингент работници, но колку и да се, објективно, тие луѓе се мигранти кои во Македонија престојуваат легално. Најголем дел од нив чекаат шанса да заминат во западните земји, каде што цената на трудот е повисока. Она што е суштински важно е следново: постои реална опасност, во услови на вака креирани тензии, при првиот инцидент во кој би биле инволвирани мигранти, во Македонија да видиме демонстрации и слики какви што видовме во Црна Гора, на пример. А големиот „патриот“ Филипче згора најави дека ќе организирал антимигрантски петиции и протести. Таа погубна кампања на СДСМ, во одредени околности, може да биде тригер за многу лоши нешта што може да се случат. Нека остане ова вака запишано, за утре, недај боже да затреба, да се потсетиме. И второ, не смееме да заборавиме дека неколку стотици илјади Македонци (некои спомнуваат цифра од 700.000 луѓе) се наоѓаат во земјите на западна Европа, со статус којшто некогаш го нарекувавме „привремена работа во странство“. Не зборувам за нашата македонска дијаспора од минатиот век, туку за луѓето кои ја напуштија Македонија главно во последните две децении, во потрага по работа и по подобар живот. Да се разбереме добро: без оглед дали се со регулиран престој и работа или работат „на црно“, тие нашинци за своите домородни домаќини се – мигранти. Нема семејство во Македонија кое нема некој свој или близок пријател во странство. Затоа, сите да си кажеме многу отворено: тој што е спремен да ја прифати антимигрантската хистерија што ја шири СДСМ во Македонија и да ја есапи за „слобода на говорот“, тој мора да е спремен да ја прифати и антимигрантската хистерија во земјите во кои мигрирале нашите деца, нашите најблиски, нашите пријатели. Ако ние овде, во Македонија, шириме расизам и ксенофобија кон мигрантите и ако се убедиме дека тоа е „нормално“ и дека е „патриотизам“, утре да не се буниме ако нашинци во западните земји бидат жртви на ксенофобија и на антимигрантска хистерија. Да не се лутиме ако некој на нашите им каже – надвор, одете си дома! И да не очекуваме некој тоа да го спречи, ако сме се убедиле дека таа хистерија е „слобода на говорот“. Македонија не сака да затвора несреќни луѓе да гнијат во мигрантски кампови и во азилантски притвори И уште нешто. Јас не сум политичар и не морам да смислувам дипломатски флоскули, за да им ја кажам на бирократите во Брисел вистината. Тажната вистина е дека Европската унија нас не нè третира дури ни како „трета земја“. Судејќи по тоа како се однесува кон Македонија, ние за ЕУ не сме ни четврта, па ни петта земја. Ние сме некакви шестокласници, државен ентитет кому не му се признава никаков нормален статус, народ за кој токму таа Европа која сега бара домаќини за мигрантите што мисли да ги протера, едноставно, нема никаква почит. Парадоксално, една добра работа произлегува од тој непринципиелен однос на ЕУ кон Македонија – ние не мораме да глумиме дека сме „трета земја“ и навистина не мораме да правиме никакви посебни дилови за „трансфер на мигранти“, дотолку повеќе што и објективно не би можеле да ги исполниме нашите обврски. Ако ни треба, самите ќе си ангажираме толку работна сила од други земји колку што можеме да примиме и колку што можеме да платиме. А знаеме дека не можеме многу. Немаме ние потреба од некакви глупави европски правила, измислени заради невозможната и нереална цел земјите на ЕУ некако да ги избркаат „вишокот“ мигранти. Со еден збор, ние ниту можеме и ниту сакаме да примаме избркани и унесреќени луѓе и да ги чуваме во мигрантски кампови и во азилантски притвори, а уште помалку да сме ги интегрирале на пазарот на трудот. Во 1999-2000 година, за време на војната во Југославија, Македонија прими 300.000 бегалци од Косово во кампот во Стенковец и практично сама го поднесе товарот на една страшна хуманитарната криза. Пред неколку години, нашата земја главно сама се справуваше со бранот бегалци кои патуваа кон Европа. Имаше тогаш и грди случки, но институциите и граѓаните на оваа земја сепак покажаа и емпатија кон тие луѓе, обидувајќи се да го спречат хаосот на границите, но и да им помогнат на унесреќените. Дури и во тие тешки времиња, на македонските политички тезги за лесно расиплива „стока“, расизмот и ксенофобијата не се продаваа баш лесно. Има причина зошто е тоа така. Ај што и самите сме паталци во не така далечната историја – го заборави ли некој егзодусот на децата бегалци од граѓанската војна во Грција? – туку сепак сме цивилизирани, кротки и добри луѓе. Во неприлика умееме да им подадеме рака на тие што имаат мака. Ова е една мирна и безбедна земја и како таква треба да ја сочуваме. Ние не сакаме ниту еден мигрант Македонија да ја гледа како прва станица кон финалното протерување и враќање во нивните земји упропастени од војни, сиромаштија и од други несреќи. Не сакаме тоа да го правиме за ниедни пари на овој свет. Кои и нема чесно да ги заработиме, бидејќи искуството покажува дека тоа практично е невозможно, дека проектираните политики за „трансфер на мигранти во трети земји“ се неодржливи и промашени, покрај што се нехумани и нецивилизирани. Филипче обеси „Чеховска пушка“ на ѕидот, час поскоро да ја симне! Ете затоа, мислам дека е крајно време СДСМ и неговите пропагандисти да се присоберат, многу сериозно да се преиспитаат и итно да ја прекинат оваа кампања на лаги и манипулации, која сериозно и опасно поттикнува расизам и ксенофобија кај некои луѓе кои навистина веруваат дека Македонија е соочена со наезда на мигранти. Венко Филипче, внимавај човече! Во Македонија работат луѓе од Непал, од Пакистан и од повеќе други земји. Работат луѓето, чесно си ги заработуваат скромните пари и им ги праќаат на своите семејства за да преживеат. Немој да провоцираш, човече! Немој да се обидуваш од луѓето да го вадиш она најлошото! Бидејќи може да се случи кај некого и да успееш… Немој, ако обесиш една „Чеховска пушка“ на ѕид во првиот чин – а ти веќе обеси, не пушка туку топ обеси, човече! – треба да знаеш дека таа пушка ќе пукне во третиот чин. Животот е драма во која нема случајности. Симни ја таа пушка од ѕидот, Венко! И најди си друга играчка. Само да не биде – од играчка, плачка … Бранко Героски за ПЛУСИНФО