Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска одржа средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија во Република Македонија, Петра Дрекслер и со претставници на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ). На средбата беа разменети мислења за тековната соработка и за континуираната поддршка што Германија и ГИЗ ја обезбедуваат во процесот на европска интеграција на државата, со посебен акцент на зајакнувањето на институционалните капацитети на Министерството за европски прашања. Во рамки на разговорите беше истакнато значењето на дигиталните алатки за поефикасно управување со реформските процеси и за унапредување на координацијата и следењето на обврските поврзани со европската агенда. Во тој контекст, беше нагласена улогата на ГИЗ како стратешки партнер, кој преку конкретни проекти придонесува за модернизација на јавната администрација и за спроведување на конкретни реформи од Реформската агенда. По средбата следеше официјално примопредавање на донацијата на софтверскиот систем за Реформската агенда, со што Министерството за европски прашања доби современо дигитално решение за следење и известување за спроведувањето на Реформската агенда. Софтверската платформа претставува интегриран систем кој овозможува автоматизација на работните процеси, централизирано управување со податоци, воспоставување на систем за рано предупредување, и подобрена транспарентност и ефикасност во работењето. Платформата е во напредна фаза на подготовка, и ќе следи периодот на тестирање и обуки за корисниците, односно за членовите на структурата за Реформската агенда. Донацијата е реализирана во рамки на проектот за поддршка на преговарачките структури за европска интеграција и претставува значаен придонес кон унапредувањето на административните и техничките капацитети на Министерството за европски прашања. Со оваа активност се потврдува заедничката посветеност на Министерството, како и на Сојузна Република Германија преку ГИЗ, за успешно спроведување на реформите и за натамошно приближување на Македонија кон Унијата.