Кривична за пратеникот Јанчев за сообраќајката во која загина 16-годишниот Матеј

Непрописно свртување на автомобилот на пратеникот, но и низа пропусти кај возачот на моторот – ова се наодите на Обвинителството за несреќата во која учествуваше пратеникот Сашко Јанчев од Левица, а во која загина малолетник во Марино. Истрагата покажала дека Јанчев, додека го управувал својот „Хјундаи тусон“ по полноќ на 14 септември, свртел непрописно и го попречил патот на другите учесници. Сепак, обвинителниот акт открива и детали за другата страна: во автомобилот на пратеникот удрил мотор „Јијинг“ кој бил без регистарски ознаки и без вградени светла. Моторот го управувал 16-годишниот Матеј Димовски без возачка дозвола, а ниту тој, ниту 13-годишното девојче кое се возело со него и е тешко повредено, не носеле заштитни кациги. И покрај овие околности, ОЈО смета дека примарната вина за загрозување на јавниот сообраќај паѓа на возачот на автомобилот.