Археолошки музеј на Македонија стана „инфлуенсерка“

Археолошки музеј на Македонија стана „инфлуенсерка“ Александра Спасеска 20.12.2025 / 12:41 Култура Со акцент на учество, визуелна креативност и интеракција, Археолошкиот музеј како институција станува вистинска „инфлуенсерка“ на културното наследство – современа, отворена и блиска до својата публика. Националниот Археолошки музеј на Македонија ја отвори вратата кон дигиталната ера и го претстави својот најнов проект – фотонатпревар на социјалните мрежи под мотото „Националниот Археолошки музеј низ објективот на посетителите“. Целта е едноставна, а ефектот видлив: музејот сака да ја раскаже својата културна приказна низ очите на публиката. Посетителите се охрабруваат да споделат фотографии од омилените моменти – експонати, детали, простори или атмосфера – и на тој начин да станат дел од музејската онлајн заедница. За учество е потребно само да се следи официјалниот профил на музејот на Instagram и Facebook , да се објави фотографија направена во музејот, при што ќе се тагира профилот @arheoloshki_muzej и ќе се користи хаштагот #НационаленАрхеолошкиМузеј Музејот ќе награди тројца најистакнати учесници – првиот ќе добие годишна карта и музејска публикација, вториот ќе ужива во ексклузивно водство „зад сцената“ со кустос и сувенир, а третиот ќе биде награден со календар и нотес со препознатлив визуелен идентитет на институцијата. Натпреварот започна на 19 декември 2025 и ќе трае до 15 јануари 2026, а добитниците ќе бидат објавени ден подоцна, на 16 јануари, преку официјалните страници на музејот. Организаторот истакнува дека изборот ќе биде вршен автоматски според однапред утврдени критериуми, со цел објективност и транспарентност во процесот. Фото-натпреварот, иако едноставен по концепт, претставува чекор напред во дигиталната комуникација на културните институции во земјава. Археолошки музеј Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On