20 декември 1923, роден е Ацо Шопов НА ДЕНЕШЕН ДЕН Александра Спасеска 20.12.2025 / 13:02 Култура На денешен ден, 20 декември, во 1923 година е роден Ацо Шопов, македонски поет и преведувач, член на МАНУ и еден од основоположниците на современата македонска поезија. Шопов е еден од основоположниците на современата македонска книжевност. Неговата прва збирка Песни (1944) e првата книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија. Тој бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија ДПМ и негов член од основањето во 1947 год., прв претседател на Советот на фестивалот Струшки вечери на поезијата, претседател на поранешниот Сојуз на книжевните преведувачи на Југославија, претседател на Сојузот на писателите на Југославија, член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) од нејзиното основање (1967), член на Македонскиот ПЕН центар, претседател на Републичката комисија за културни врски со странство, амбасадор на СФРЈ во Сенегал (1971 - 1975), прв директор на издавачката куќа „Кочо Рацин“, долгогодишен директор на издавачката куќа „Македонска книга“, како и уредник или главен и одговорен уредник на списанијата: „Нов ден“, „Млад Борец“, „Иднина“, „Современост“, „Хоризонт“ и сатиричниот весник „Остен“. Роден во Штип, Шопов го поминал детството во родниот град, со браќата Димитар и Борислав, татко му Ѓорѓи Зафиров-Шопов и мајка му Костадинка Русева. Во Штип го завршил основното училиште и гимназијата. Уште како гимназијалец, во 1940 година, Ацо Шопов станал член на СКОЈ, а две години подоцна, се вклучил во антифашистичката борба, во редовите на Третата македонска ударна бригада. Член на истата бригада била и неговата љубена, Вера Јоциќ, која загинала на 22 мај 1944 година и на која Шопов ѝ ја посветил прочуената песна „Очи”. Ацо Шопов ја чита „Очи“ По војната, Ацо Шопов матурирал во родниот град и заминал за Скопје, каде ги завршил студиите на Филозофскиот факултет, на отсекот чиста филозофија. Подоцна, работел како уредник во литературните списанија и весници Нов ден, Млад борец, Иднина, Хоризонт, Современост,[4] како главен уредник на сатиричниот неделник Остен, што го поттикнало да објави серија сатирични песни, подоцна групирани во збирката Јус-универзум (1968). На 30 септември 1958 година, Ацо Шопов се венчал со Светлана Шопова на која ѝ е посветена песната „Клошарска песна на поетот“. На 18 август 1967 година, Шопов бил избран како еден од првите членови на Македонската академија на науките и уметностите, а една година подоцна и за дописен член на Српската академија. Шопов бил добитник на највисокото југословенско признание, наградата „АВНОЈ“ (1970), како и на литературните награди: „Кочо Рацин”, за збирките Слеј се со тишината (1956) и Гледач во пепелта (1970); „11 октомври”, за преводот на Хамлет (1960) и за животно дело (1981); „Змаеви детски игри”, за препевот на песните на Јован Јовановиќ-Змај (1967); „Браќа Миладиновци”, за збирката Песна на црната жена (1977). По долги години посветени на издавачката дејност, претежно како директор и главен уредник на „Македонска книга“, во 1971 година, Шопов бил именуван за амбасадор на Југославија во Сенегал, земја која го инспирирала за збирката Песна на црната жена. За време на престојот во Африка, тој го превел изборот од поезијата на сенегалскиот претседател, Леополд Седар Сенгор, добитник на „Златниот венец” на Струшките вечери на поезијата, во 1975 година. Истата година, Шопов бил именуван за претседател на Републичката комисија за културни врски со странство, но три години подоцна, болеста го присилила да го напушти активниот живот. Во февруари 1978 година, Шопов бил на лекување во болницата „Салпетриер“ во Париз, а својата болест ја опеал во неколку песни: „Ме најавна тешка болест...“, „Телото ми гори од оган...“, „Јас сум ви тешко болен, и ќе ме снема...“ („Оздравување на болниот“); „Како да станам и да се борам? Треба да станам и да се борам...“ („Клошарска песна на поетот“); „Телото е неподвижно, а крвта не мирува, крвта удира по вените скаменети...“ („Телото е неподвижно, а крвта на мирува“); „Ме осудивте да седам дома... затворен во својата темна несреќа“ („Домот на сонот“); „Од тешка болест телото ми е закоравено“ („Од најстара и најчиста сончевина“). Шопов е автор на првата повоена книга на македонски јазик во слободна Македонија, Песни (1944), објавена како типографско издание на младинската организација од Белград. Тој има објавено тринаесет збирки поезија и исто толку избори од поезијата на македонски јазик, како и петнаесетина избори препеани на странски јазици. Ацо Шопов починал во Скопје, на 20 април 1982 година. ОЧИ Три дена на раце те носевме збрана, со тага и болка на погледот срцен, и секоја капка на твојата рана ко крвава жар ни капеше в срце. Другарите беа и морни и гладни со згорени грла и свиени плеќи со тап бол се впија во очите ладни и жалеа оти не ќе пламнат веќе. Но јас знаев оти пак ке вивнат в жарој и борците под нив ќе цветат и раснат, в студените утра ќе греат ко сонце и никога нема да стијнат и згаснат. Последната вечер в планинското село, кај борците беа со дрипава дреа, со пликови жешки на стапал тешки, и смрштени чела – згасени, мразни ко нивните пушки укочени, празни, и нечујно, глуво, ко здушена реја се точеше шепот од уво до уво: “Утре, друже, в зори, страшен бој не чека, а ние сме малку, – сал неколку души…” И кога ко игла ти прободе уши – ти растресе снага и размолска тага, со лунјени очи широки и волни ги расече в ноќта здивените молнји! Ко тогај, ко тогај, о другарко, помниш – в смрзнатата вечер на пролетта рана, кај нашата младост и првата радост ја косеше луто куршумната слана, а ти чело збрчка, ко тигрица рипна и летна во ноќта крвава и црна, – со своите очи што ригаа пламен ги растопи чашкум челичните зрна… И после! И после – в последната вечер… јас нејќам да мислам што потаму стана, прошталниот шепот ти замрзна в усни, ти гореа очи под веѓите густи! Со нивниот пламен и со клетва света, на заседа тргнав сред мојата чета. А утринта кога зрив чела ни спраши ти не беше веќе в редовите наши, но скипеа борци со одмазда жолчна, и видов! о видов – кога бојот почна развихреа сите со твојата сила – ко елени брзи и лесни ко птица. А твоите очи се искреа гневно во нивните потни, распалени лица… Три дена на раце те носевме збрана, со тага и болка во погледот срчен, и секоја капка од твојата рана ко крвава жар ни капеше в срце. Ацо Шопов Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On