Маглата го отежнува авиосообраќајот на скопскиот аеродром, каде, според податоците од официјалната веб страница, има откажани и летови што се реализираат со задоцнување, додека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по суви коловози, но со намалена видливост на одредени патни правци. - Магла со видливост до 50 метри има на патиштата Македонски Брод-Битола-Ресен-Охрид и Дебар, а од 100 до 200 метри Скопје-Куманово-Сарамзалино-Велес-Неготино-Д.Капија, информира АМСМ во пладневниот извештај за состојбата на патиштата. АМСМ укажува дека на одредени патни правци кои поминуваат низ усеци и клисури можна е појава на поситни одрони. Апелира на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината спрема условите на патот. Во сила е законската обврска за задолжително носење зимска опрема во возилата.