Сиљановска-Давкова: Со донацијата во Хидробиолошкиот завод, ТИКА повторно на дело го докажа турско-македонското пријателство

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Охрид, заедно со амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој, присуствуваше на примопредавањето на донацијата на Хидробиолошкиот завод - Охрид од страна на Турската агенција за развој и соработка, ТИКА. Покрај теренско возило, ТИКА овозможи темелно реновирање и опремување на лабораториските и помошните простории во одделенијата за фитопланктон и за зоопланктон. Со тоа, како што истакна претседателката, ќе се надминат хроничните проблеми со коишто се соочува Хидробиолошкиот завод - Охрид. Таа искажа благодарност до пријателска Турција и до ТИКА за благородниот чин на поддршка на науката и заштитата на Охридското езеро. Истовремено, Сиљановска- Давкова ги поттикна државните институции да го следат примерот на ТИКА. „Очекувам, оваа важна поддршка, да ја инспирира државата, бидејќи таа е најодговорна, да има свој удел во кадровското доекипирање на 10-те одделенија“, додаде претседателката. За неа, потегот на ТИКА отвора простор за поширока и подлабока македонско-турска соработка и во други области: во економијата, во образованието, во културата и во туризмот. Директорката на Хидробиолошкиот завод - Охрид, Орхидеја Тасевска истакна дека донацијата на ТИКА за нив претставува нов импулс за натамошна посветена и одговорна научна работа. За претседателот на ТИКА, Абдула Ерен, денешната церемонија ги зацврстува пријателските македонско-турски односи. Амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој потенцираше дека двете земји имаат традиција на добри односи. Истакнувајќи дека во Охрид, заедно живеат Македонци, Турци, Албанци и други, изрази подготвеност и натаму да придонесуваат за заштита на градот и природните убавини.