Американските власти понудија потенцијален нов формат за мировни преговори меѓу Украина и Русија, со учество на американски и можно европски пратеници, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски. Киев ќе одлучи за форматот кога ќе биде јасно дали билатералните разговори со американските преговарачи, кои продолжија и денеска, се позитивни, рече Зеленски, додавајќи дека планира ова прашање да го покрене со шефот на украинската делегација Рустем Умеров. Обраќајќи им се на новинарите во Киев, Зеленски не влезе во детали за тоа каков формат предложила администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. - САД рекоа дека ќе имаат посебен состанок со претставниците на Русија. И го предложија следниов формат, колку што јас разбирам: Украина, Америка, Русија и, бидејќи таму се претставниците на Европа, веројатно и Европа, рече Зеленски. Украина и Русија немаат преговарано лице в лице од јули, но шатл-дипломатијата поддржана од САД за прекин на речиси четиригодишната војна во Украина се интензивираше во последните недели. (MIA)