Само еден ден по последното запленување на нафтен танкер покрај брегот на Венецуела, американската крајбрежна стража се обидува да преземе контрола врз друг брод, според извештаи на американските медиуми. Крајбрежната стража го гони санкционираниот танкер, јавија вчера телевизијата „Ен-Би-Си Њуз“ (NBC News) и новинската веб-страница „Аксиос“ (Axios), цитирајќи извори запознаени со темата. „Ен-Би-Си Њуз“ цитираше американски функционер кој изјавил дека бродот ѝ припаѓа на таканаречената „флота во сенка“ која Венецуела ја користи за да ги избегне санкциите. Бродот пловел под лажно знаме и бил предмет на судска наредба за заплена, рече функционерот. Доколку операцијата успее, Соединетите Американски Држави ќе запленат три нафтени танкери за околу недела и пол, од кои два само изминатиов викенд, пренесе ДПА. Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот, во објава на својата платформа „Трут Соушл“ (Truth Social), изјави дека наредил „тотална и целосна блокада на сите санкционирани нафтени танкери кои влегуваат и излегуваат од Венецуела“. Тој го оправда овој потег тврдејќи дека оваа јужноамериканска земја украла нафта, земја и други средства од САД, кои мора да бидат вратени. Трамп го обвини режимот на авторитарниот лидер на Венецуела, Николас Мадуро, за користење на „нафтата од овие украдени нафтени полиња за да се финансираат себеси, за нарко-тероризам, трговија со луѓе, убиства и киднапирања“. Американската крајбрежна стража во саботата веќе презеде контрола врз еден нафтен танкер во близина на брегот на Венецуела. Во објава на Х, американската министерка за внатрешна безбедност Кристи Ноем објави видео за кое рече дека ја покажува операцијата и вети продолжување на акциите против илегалната испорака на санкционирана нафта. Американската крајбрежна стража работи во рамките на Министерството за внатрешна безбедност.