Инженерка од Германија стана првиот човек во ортопедска количка во светот кој отпатува во Вселената. Михаела - „Михи“ Бентаус, која претрпела повреда на 'рбетниот мозок во несреќа со планински велосипед пред седум години, потоа преку интернет контактирала пензиониран вселенски инженер, во обид да го следи нејзиниот сон и да стане астронаут. Тоа сè уште било можно. Таа во саботата беше патничка на 10-минутен лет со „Блу ориџин“ ( Blue Origin ), компанијата за вселенски туризам основана од Џеф Безос. Бентаус и петмина други полетаа од Тексас и стигнаа до тн. граница меѓу небото и Вселената, позната како Карманова линија. - Тоа беше „најкул“ искуство! Не само што ми се допадна погледот и микрогравитацијата, туку ми се допадна и лебдењето нагоре. Беше толку кул, секоја фаза од одењето нагоре, изјави сега популарната Михи по слетувањето. „Њу шепард“ (New Shepard) - повеќекратно употребливото суборбитално летало на „Блу ориџин“, полета од лансирната рампа на американската компанија во Тексас. Бентхаус, инаку, работи во Европската вселенска агенција. Таа смета дека во оваа нејзина борба по несреќата, „сфатила колку нашиот свет е сè уште непристапен“ за лицата со попреченост. Ханс Кенигсман, пензионираниот менаџер на „Спејс-Икс“ ( SpaceX ) кој ѝ помогна во организирањето на вселенското патување, појде со неа за да понуди помош за време на летот доколку е потребно. - Ханс првпат го запознав преку интернет. Само го прашав, знаете, толку долго работевте за „Спејс-Икс“, дали мислите дека луѓе како мене можат да бидат астронаути?, рече Бентхаус - Во основа, таа ме инспирираше да го направам ова. Нејзиниот поттик ме убеди и јас да го направам тоа и едноставно да доживеам нешто што го гледам однадвор долго време, додаде тој. „Блу ориџин“ ја обезбеди опремата за поддршка со којашто Бентаус можеше во ортопедска количка да влезе и излезе од капсулата. Компанијата веќе однесе десетици туристи во вселената. Во април, поп-ѕвездата Кејти Пери, свршеницата на Безос - Лорен Санчез, и водителката Гејл Кинг, беа меѓу шесте жени испратени во Вселената со ракета „Блу ориџин“ за лет што траеше околу 11 минути. Летовите се случуваат во време кога приватните вселенски компании се натпреваруваат за поголем дел од колачот наречен вселенски туризам.