Откриен нов влез во најмалата пирамида во Гиза

Откриен нов влез во најмалата пирамида во Гиза Александра Спасеска 22.12.2025 / 09:40 Наука Илјадници години по нивната изградба, пирамидите во Гиза сè уште кријат тајни, пишува UNILAD . Фокусот на најновото истражување е Пирамидата на Менкауре, најмалата од трите познати пирамиди, за која тим научници верува дека крие уште еден, претходно непознат влез. Оваа структура, висока околу 61 метар, за која се верува дека е гробницата на кралот Менкауре од Четвртата династија, е изградена околу 2510 година п.н.е., а новото откритие би можело да го промени нашето разбирање за нејзината внатрешност. Користејќи напредна технологија за скенирање, експертите открија две шуплини исполнети со воздух лоцирани зад полираниот гранитен дел, под источната фасада на пирамидата. Токму полираниот гранит ја разбуди љубопитноста на научниците. Имено, таква камена изработка досега е пронајдена само на северната страна од пирамидата, каде што се наоѓа нејзиниот познат главен влез. Оваа случајност ги наведе да заклучат дека новооткриените шуплини би можело да претставуваат уште еден, претходно скриен влез. Научник: Ова е важно откритие Истражувањето е спроведено како дел од проектот ScanPyramids, користејќи неинвазивни методи како што се радар, ултразвук и електрична отпорна томографија. Овие техники им овозможуваат на научниците да ѕирнат во пирамидата без да ја оштетат оваа непроценлива историска структура. Професорот Кристијан Гросе од Техничкиот универзитет во Минхен (TUM), експерт за недеструктивно тестирање, го коментираше откритието. „По значајната потврда за скриениот коридор во Големата пирамида во Гиза во 2023 година, ScanPyramids повторно направи важно откритие во Гиза. Методологијата за тестирање што ја развивме овозможува многу прецизни заклучоци за природата на внатрешноста на пирамидата без да се оштети вредната структура. Хипотезата за втор влез е многу веродостојна, а нашите резултати нè доближуваат голем чекор поблиску до нејзино потврдување“, рече тој. Роботи како можно решение Целиот проект е спроведен под строг надзор на Врховниот совет за антиквитети на Египет и египетското Министерство за туризам и антиквитети. Иако е малку веројатно дека луѓето ќе можат физички да влезат во новооткриениот коридор во скоро време, идните истражувања би можеле да се потпрат на роботиката. Слична технологија веќе се покажа како исклучително успешна во минатото. На пример, кога археолозите во Големата пирамида открија окна кои беа премногу тесни за човек, решението дојде во форма на роботи. Па така, научниците од Универзитетот во Лидс, во соработка со француската компанија Дасо Системс, поминаа речиси пет години развивајќи робот доволно мал за да се вклопи низ тесните премини. Нивните напори на крајот се исплатија, при што малиот робот сними девет часа видео, откривајќи нови и возбудливи детали за внатрешноста на окното. археологија Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On