И илјадници години откако биле изградени, се чини, пирамидите во Гиза сè уште чуваат тајни. Нагласката на најновото истражување е кај Менкауровата пирамида - најмалото од трите зданија, кај коешто тим научници верува дека е откриен уште еден, досега непознат влез, пишува „Јунилад“ ( Unilad ). Пирамидата висока околу 61 метар, за којашто се верува дека е гробницата на фараонот Менкаура од Четвртата династија, е изградена околу 2510 година п.н.е. Новото откритие би можело да ги промени досегашните сознанија за нејзината внатрешност. Користејќи напредна технологија за скенирање, имено, откриени се две шуплини исполнети со воздух зад полиран гранитен дел, под источната фасада на пирамидата. Токму полираниот гранит ја разбуди љубопитноста на научниците. Имено, таква камена изработка досега е пронајдена само на северната страна од пирамидата, каде што се наоѓа нејзиниот главен влез. Оваа случајност, се наведува, може да води кон уште еден, претходно неоткриен влез. Истражувањето е спроведено како дел од проектот „Скен-Пирамидс“ ( ScanPyramids ), при што се користени неинвазивни методи, како што се радар, ултразвук и електрично-отпорна томографија. Овие техники им овозможуваат на научниците да ѕирнат во внатрешноста на пирамидата без да ја оштетат оваа непроценлива историска структура. Професорот Кристијан Гросе од германскиот Технички универзитет во Минхен, инаку експерт за недеструктивно тестирање, нагласи дека ова е уште едно значајно откритие. - По значајната потврда за скриен премин во Големата пирамида во Гиза во 2023 година, „Скен-Пирамидс“ повторно направи големо откритие во Гиза. Методологијата за тестирање што ја развивме овозможува многу прецизни заклучоци за природата на внатрешноста на пирамидата без да се оштети вредната структура. Хипотезата за втор влез е многу веродостојна, а нашите резултати нè доближуваат голем чекор до нејзината потврда, рече тој. Целиот проект беше спроведен под строг надзор на египетскиот Врховен совет за антиквитети и Министерството за туризам и антиквитети. Иако е малку веројатно дека луѓето ќе можат физички да влезат во новооткриениот премин во скоро време, идните истражувања би можеле да се потпрат на роботиката. Слична технологија веќе се покажа како исклучително успешна во минатото. Кога на пр. археолозите открија окна во Големата пирамида коишто беа премногу тесни за човек, решението дојде во форма на робот. Така, научниците од Универзитетот во Лидс, во соработка со француската компанија „Дасо систем“ ( Dassault Systèmes ), развија робот доволно мал за да се протне низ тесните премини. Напорите на крајот се исплатија, кога малиот робот сними девет часа видео, откривајќи нови и подробности за внатрешноста на историската знаменитост.