Главниот служител во Елисејската палата е уапсен под сомнение за кражба на вредни садови и порцелан, а и за обид за нивна продажба преку интернет. Тој е еден од тројцата приведени во скандалот што ја потресе официјалната резиденција на францускиот претседател. Вредноста на украдените предмети се проценува на 40.000 евра, објави „Гардијан“. Надлежните го уапсија главниот осомничен и двајца соучесници минатата недела. Властите беа предупредени за исчезнувањето на предметите, од коишто некои се сметаат и за национално богатство. Повеќето предмети потекнуваат од познатата фабрика за порцелан „Севр“ во Париз, којашто е во државна сопственост од 1759 година. Истрагата беше покрената откако вработените во фабриката препознаа некои од исчезнатите предмети на интернет-страници за аукции како што е „Винтед“. Според истражителите, сметката на осомничениот во „Винтед“ содржела плочка со печат „Француски воздухопловни сили“ и пепелници со ознака „Севр“, предмети што вообичаено не се достапни за јавноста. При претрес на неговиот дом, возило и личното службено шкафче, пронајдени се околу сто предмети, вклучувајќи порцелан, статуа од Рене Лалик, чаши за шампањско „Бакара“ и бакарни садови. Улогата на главен службеник вклучува грижа и одржување на приборот за јадење што го користат претседателите и достоинствениците. Обвинителите рекоа дека инвентарните листи што ги водел уапсениот посочуваат дека тој планирал и други кражби. Тој и неговите соучесници беа изведени на сослушување, а нивното судење е закажано за 26 февруари следната година. Тие беа пуштени на слобода под надзор, со што им се забранува да контактираат едни со други, да посетуваат аукциски куќи и да се занимаваат со професионалните дејности. Пронајдените предмети беа вратени во Елисејската палата, коешто посреќен исход од случајот со „Лувр“, каде што сè уште недостасуваат накитот во вредност од околу 88 милиони евра по грабежот во октомври. Уапсени се четворица осомничени досега во врска со тој случај. Се чини, низата кражби што ги погодија истакнатите француски институции - продолжува. Во септември, од Природонаучниот музеј во Париз исчезнаа шест златни грутки во вредност од околу 1,5 милиони евра, а од Музејот на порцелан во Лимож снема кинески порцелан во вредност од 6,55 милиони евра. Во октомври, околу 2.000 златни и сребрени монети во вредност од околу 90.000 евра беа украдени од музејот „Мезон де Лумиер“ во Лангр.