Гоце Седлоски е новиот селектор на Македонија

Гоце Седлоски е новиот селектор на Македонија Филип Здравески 22.12.2025 / 13:23 Фудбал Тренерот на Вардар, Гоце Седлоски, чие име чаршијата најмногу го поврзуваше како наследник на Благоја Милевски, од денеска и официјално е нов селектор на македонската репрезентација. Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница донесе одлука за избор на нов селектор на македонската репрезентација. За нов селектор е именуван Гоце Седлоски, соопшти ФФМ. Членовите на највисокото тело на ФФМ, одлуката за избор на нов селектор на македонската репрезентација ја донесоа по предлог на Комисијата за избор на селектор, составена од Масар Омерагиќ – претседател на ФФМ, Горан Пандев – директор на Национални репрезентации, Николче Новески – раководител на Скаутинг службата на ФФМ, Агим Ибраими – член на Управниот одбор на ФФМ и Марјан Стојковски – потпретседател на ФФМ. Гоце Седлоски е едно од најпрепознатливите имиња во историјата на македонскиот фудбал. Како фудбалер, поранешниот репрезентативен капитен оствари точно 100 настапи и постигна 8 голови за националниот тим, со што останува првиот македонски фудбалер кој запишал 100 настапи за репрезентацијата. Потоа истиот успех го напорави и Горан Пандев, а во овој клуб наскоро се очекува да влезе и Александар Трајковски, кој има 98 настапи. Седлоски од претходно има кратко искуство во стручниот штаб на националниот тим. Во август 2012 година ја водеше репрезентацијата како в.д. селектор на пријателскиот натпревар против Литванија во Скопје и оствари победа од 1:0 . Во својата тренерска кариера, Гоце Седлоски работеше како асистент и в.д. селектор на Македонија, а на клупско ниво ги предводеше Хоризонт Турново, Вардар, Рига (Латвија), Широки Бријег (Босна и Херцеговина), вториот тим на Динамо (Хрватска), Шкупи, Влазниа (Албанија) и Работнички. Во досегашната тренерска кариера освои три шампионски титули во домашната лига и тоа со Вардар во сезоните 2015/2016 и 2016/2017 и со Шкупи во сезоната 2021/2022, како и една Куп титула со Вардар во сезоната 2024/2025. Како фудбалер, имаше богата кариера настапувајќи за повеќе клубови во Македонија и странство. Своите професионални чекори ги започна во Братство од Голено Коњари и Питу Гули од Крушево, по што настапуваше за прилепска Победа, каде го привлече вниманието со своите настапи. Кариерата ја продолжи во Хајдук и Динамо во Хрватска. Воедно, тој е прв странец кој ја носел капитенската лента на великанот од Загреб. Потоа настапуваше за Шефилд Венздеј во Англија. Интернационалното искуство го надополни со настапи во Вегалта Сендаи (Јапонија), Дијарбакирспор (Турција) и Матерсбург (Австрија), градејќи респектабилна фудбалска кариера. „Фудбалската федерација на Македонија верува дека искуството, авторитетот и длабокото познавање на македонскиот фудбал на Гоце Седлоски ќе придонесат за стабилност, континуитет и напредок на националниот тим во претстојниот период.“ Официјалната промоција на Гоце Седлоски за селектор на македонската репрезентација е закажана за утре (вторник), со почеток во 11:30 часот, во хотел „Хилтон“ во Скопје. Негов прв предизвик ќе биде полуфиналниот бараж за пласман на Мундијалот 2026 против Данска на гостински терен во Копенхаген на 26 март. Засега нема реакција од Вардар околу назначувањето на Седлоски за селектор, односно дали тој ќе остане да го води клубот до крајот на сезоната и паралено да ја извршува функцијата селектор, или Вардар ќе си бара нов предводник. Гоце Седлоски Македонија фудбал Автор/Извор Филип Здравески Прикажи во метро On