Ѓорѓиевски ќе ја модернизира Зоолошката градина во Скопје Александра Спасеска 22.12.2025 / 14:30 Македонија Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска ја презентира стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје, со која, како што рече, почнува ново поглавје во развојот на оваа институција. „Зоолошката градина во Скопје ќе стане водечки центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните. Чест ми е што денес ја презентираме стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје, документ што носи јасна визија за модерна, одговорна и хумана институција. Со неа правиме суштински исчекор од поимот зоолошка градина како место за забава кон центар за едукација, заштита на природата и грижа за животните“, вели Ѓорѓиевски. Тој додаде дека целта е Зоолошката градина да стане училница на отворено, од каде што децата ќе заминуваат не само со спомени туку и со знаење, свест и емпатија кон природата. „Клучен столб на стратегијата е трансформацијата на Градината во функционално прифатилиште за заштитени и ранливи видови, со професионална ветеринарна грижа и безбедни услови. Скопје ја презема моралната обврска да биде дом за животните кои не може сами да опстанат во дивината. Стратегијата е целосно усогласена со строгите стандарди на ЕАЗА, со јасна цел за полноправно членство. Тоа значи високи стандарди за благосостојба на животните, активна научна и конзервациска улога, како и највисоки норми за безбедност и одржливост“, рече градоначалникот. Тој најави целосна модернизација на Зоолошката градина, подобри услови за животните, посетителите и вработените, енергетски ефикасни решенија, зголемена безбедност, како и нови содржини, меѓу кои и центар за хипотерапија за децата со посебни потреби. Со овие чекори, рече Ѓорѓиевски, Зоолошката градина во Скопје ќе прерасне во современа, едукативна и хумана институција, место каде што се среќаваат науката и грижата за животот. Орце Ѓорѓиевски ЗОО Скопје Автор/Извор МАКФАКС Прикажи во метро On