Евро (дез)интеграции

Еден сум од оние кои во континуитет го бранат и поддржуваат македонскиот евро интеграциски пат, во континуитет. Истовремено, сметам дека тој процес треба да е на начин за да задржиме некое основно национално, но пред се етничко достоинство. Низ годините, токму ради оваа наша агенда која најголем дел од политичките субјекти ја поставија уште во своите статуси при независноста, имам впечаток дека одредени ликови од Брисел, низ годините си подигруваат со нас. И место да сме по блиску, впечатокот е дека секоја година сме подалеку од таа агенда. А направивме се можно за да ги задоволиме желбите и вкусовите на „западот“. Ја продадовме електродистрибуцијата, телекомот, рудниците, цементарата, мермерниот комбинат, дел од банките, менуваме устав при секоја фрустрација или нечиј хир. Се откажавме од грижата за Македонците во соседните држави. Сменивме знаме, државно име, уставна преамбула во која се дефинира државата. Го либерализиравме пазарот, па место наша здрава и органска храна, увезуваме пластифицирани овошје и зеленчук. Го уништивме здравството, со тоа што сите оние кои плаќаат за здравствени услуги, на приватно плаќаат исто како и оние кои се странци или не плаќаат ништо. Внесовме европски кредит трансфер систем во образованието кои не донесе подобри кадри, туку само повеќе лица со дипломи. И сето ова за да удоволиме на ЕУ. За да се интегрираме, прилагодиме, за да удоволиме на барањата за нештата, кои според „Европа“ не се на завидно ниво или по некакви си европски стандарди. И што добивме за возврат? Апсолутно ништо! Судството кое секоја година е полошо, велат амбасадорите дека во него вложувале стотици милиони евра. Каде, како и во што ги вложиле, прашање е , и зошто се е полошо. Очигледно поради негативна селекција. Упорно ни се зборува за исполнување на стандарди, и некакви си копенхашки критериуми, а во пракса гледаме дека одлуките кои се носат се строго политички. Кои бре критериуми за ЕУ ги исполнија Романија и Бугарија кога ги внесоа во ЕУ? Врз кои критериуми во ЕУ влезе Кипар? Врвот на фарсата е обидот за внесување и туркање на брза лента на Молдавија и Украина! Држави кои исто како Кипар немаат дефинирана граница, кои имаат поделба и паралелен систем внатре, а Украина има и војна, во која не контролира една петтина од својата територија. И госпоѓата Марта Кос вели тие исполнуваат критериуми, ние не, затоа што не го менуваме Уставот поради Софија, која пак со години води антимакедонска кампања во која негира јазик, етничка припадност, историја, културни вредности, се обидува преку делење на државјанства за асимилира дел од нацијата, плус финансира разни матни ликови со криминогено минато да се декларираат како жртви од некаква македонска репресија. Фарса невидена. Со политиката која низ годините ја води самата Европска унија, онаа поддршка која народот ја даваше од 95% за евроинтеграции, низ годините драстично паѓа, и не тера да заклучиме дека сме оставени сами на себе, и дека како народ и нација ќе мораме сами, како знаеме и можеме да се избориме за нашето „место под сонцето“. Да, се уште веруваме дека Македонија обединета во ЕУ, ќе значи обединета Македонија без граници, каде слободно ќе можеме да учиме работиме и живееме во Лерин, и во Солун, и во Воден, и во Костур, и во Гоце Делчев, и во Сандански, и во Петрич, и во Благоевград, а воедно и таму да бидеме Македонци и да зборуваме македонски. Исто како што Албанецот тоа го има во Струга, Кичево, Тетово, Скопје, Куманово.  Како што сите други во Европа ги имаат како можност и право. Но, реалноста е некоја друга! И самата ЕУ не гледа благонаклоно кон Македонија. Факт е дека имаме многу повеќе душмани, отколку пријатели, за жал. Да, се сложувам дефинитивно дека голем дел од грешките и пропустите кои се правеле низ годините се резултат на погрешни политики, кадровски решенија и лоповлук. Но, фактот пак дека токму ЕУ го поддржува најголемото политичко дно, лица кои рокот на траење им е денес за утре и кои без да се финансирани дебело не би можеле ни месна заедница да водат, покажува дека тука се води битка која има други геостратешки цели, а не евро интеграциски. Реформите кои се прават во општеството не смееме да ги гледаме како нешто кое го правиме за да се приближиме или влеземе во ЕУ. Истото мораме да го сториме за да станеме ефикасно и современо општество. Норвешка, Исланд и Швајцарија не се во ЕУ, и ништо не им фали, баш напротив. Камо среќа да ги достигнеме некои стандарди кои тие ги имаат, пред се во сфера на екологија, урбанизам, работни односи, образование. За крај, едно своевидно резиме. Она што со години го велам, и се уште цврсто стојам зад истото. Во ЕУ или никој нема никогаш да влезе, и на овој Западен балкан ќе му смислат некоја „втора лига“ или лажна евроинтеграција, или пак ќе не примат сите на купче, топтан во периодот 2030-2035. Секое друго сценарио ќе биде погубно и буре барут за цел Западен Балкан, освен доколку и тоа не им е планот. Како народ, и севкупно како нација, не смееме да потклекнеме на закани и уцени, единствено што мора да направиме е да ја оправиме државата за самите себе, а за почеток тоа ќе го сториме доколку има правда и закон за сите подеднакво, и доколку лоповите и предавниците добијат заслужени затворски казни и конфискација на имот. Без тоа напред нема! Александар Ристевски