Од 1 јануари повисоки сметки за струја, РКЕ објави за колку ќе поскапи

Од 1 јануари повисоки сметки за струја, РКЕ објави за колку ќе поскапи Филип Здравески 23.12.2025 / 12:46 Македонија Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) информира дека изврши корекција на доставената предлог-одлука за финалната цена од страна на универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ. Од 1 јануари 2026 година наместо предложеното зголемување од 7,66% што ЕВН ХОМЕ го достави во одлуката, РКЕ по спроведени анализи и повторни пресметки, одлучи во прв блок да има корекција од 2,45%. Во втор блок цената ќе се зголеми за 2,87%, додека предлог зголемувањето на ЕВН ХОМЕ е 8,54%. Во трет блок цената ќе се зголеми за 3,32% иако беше предложено да има зголемување од 9,63% и во четвртиот блок зголемувањето е 3,84%, наместо предложените 11,86%. Во однос на евтината тарифа, ЕВН ХОМЕ предложи зголемување за 3,96%, додека РКЕ одлучи истата да се корегира за 2,50%. „Водејќи се од начелото на транспарентност и имајќи го во предвид јавниот интерес кога се во прашање цените на енергијата и енергенсите кои РКЕ ги регулира или контролира, како и до сега така и денес ги споделуваме во детали одлуките, односно во конкретниот случај одлуката за ЕВН ХОМЕ. Регулаторните анализи покажуваат дека сметките на домаќинствата кои користат електрична енергија во прв и втор блок ќе се зголемат за 2,59%, додека оние кои што имаат потрошувачка и во трет блок – сметката ќе се зголеми за 2,79%“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ РКЕ оценува дека ЕВН ХОМЕ го има применето тарифниот систем, но во предлог-одлуките за нови цени и распоредот на трошоците по блокови не е применет клучниот регулаторен принцип, а тоа е урамнотежување на интересите на вршителите на енергетски дејности и корисниците, односно потрошувачите. Од РКЕ велат дека регулаторот има за цел да дефинира крајни цени што ќе гарантираат услови за непречено снабдување со електрична енергија, при што внимава да се заштитат потрошувачите од ценовен шок. Податоците покажуваат дека вкупно 64% од потрошувачите имаат потрошувачка во првиот блок, додека скоро 21% им се тарифира и во втор блок, додека третиот блок го користат 1,73% од потрошувачите. струја РКЕ Автор/Извор Макфакс Прикажи во метро On