Со дополнување на доказната постапка и завршни зборови на обвинителството и одбраната, денеска во Основниот кривичен суд – Скопје заврши судењето против 25-годишниот скопјанец Фатон Љури, обвинет дека на 1 јули годинава управувајќи мотор „Кавасаки“ без возачка дозвола по пешачката патека на кејот на Вардар го прегазил 68-годишниот Југослав Николовски и го напуштил местото на несреќата. Пресудата ќе биде објавена на 29 декември. Во текот на денешното рочиште одбраната достави дополнителни докази, меѓу кои медицинска документација, резултати од лабораториски анализи и радиолошки извештај, сите од 12 декември 2025 година. Бранителот на обвинетиот, адвокатот Гоце Ристески, изјави дека документацијата е обезбедена со дозвола на судот и доставена во фотокопии од Затворот Скопје. По разгледувањето на новите докази, обвинителката Маја Џабирева Велков оцени дека тие не се спорни за ниту една страна. – Ги разгледав доказите и мислам дека се неспорни за обвинителството како и за судот, бидејќи на главната расправа што се одржуваше на 12 декември обвинетиот не се чувствуваше добро, така што оваа документација произлегува од тогаш, рече обвинителката. Во завршниот збор обвинителката Џабирева Велков оцени дека станува збор за тешко кривично дело со висока општествена опасност и побара обвинетиот да биде казнет согласно законот. – Наспроти силните докази во случајот, обвинетиот, свесен за стореното, даде изјава и признание на вина, поради што ќе побарам од Судот да го казни согласно законот. Со оглед на околностите на случајот, се работи за тешко кривично дело со висок степен на вина и општествена опасност, каде што казната треба да обезбеди правична сатисфакција за загубениот живот, да влијае врз спречувањето вакви постапки да се повторуваат во иднина и да претставува можност за сторителот да ја сфати сериозноста на последиците од своето несовесно и незаконско постапување, посочи Џабирева Велков. Судската одлука, додаде таа, треба да ја има предвид запретената казна и јавниот интерес во заштитата на човечкиот живот, бидејќи, како што рече, сведоци сме на секојдневни сообраќајни незгоди со смртни последици, особено на улиците во главниот град. – Верувам дека никој од нас присутните, ниту останатите сограѓани, не се чувствува пријатно кога се движи по улиците поради сѐ почестите вакви настани, рече обвинителката. Џабирева Велков подвлече дека казнената политика во вакви случаи треба да придонесе кон изградба на повисоки стандарди на лична одговорност кај учесниците во сообраќајот. – Поради тоа, сметам дека Судот во овие случаи, преку заострена казнена политика, мора да влијае врз изградбата на високи стандарди за лична одговорност на секој учесник во сообраќајот, како и врз создавањето чувство на безбедност. За жал, не постои начин да се врати изгубениот живот. Со неговата ненадејна смрт, семејството претрпе тешка и ненадоместлива загуба. Сопругата и двете ќерки и денес се во длабока тага и траума поради настанот, рече Џабирева Велков. Посебно ја нагласи и душевната болка на една од ќерките на починатиот, која по несреќата дознала дека го загубила своето бебе во третиот месец од бременоста. – Ќе побарам од Судот обвинетиот да го огласи за виновен и да му изрече казна согласно законот, со санкција преку која сторителот ќе ја почувствува последицата што ја предизвикал и која ќе влијае тој, но и другите граѓани, во иднина да не извршат слично дело, рече подвлече обвинителката. Во својот завршен збор, бранителот Гоце Ристески побара Судот да ги земе предвид и олеснителните околности што се однесуваат на обвинетиот и неговото семејство. – Овој обвинет живее во вонбрачна заедница повеќе од три години, оваа околност се однесува на личните и семејните прилики. Избраничката на обвинетиот на 9 мај 2025 година исто така во сообраќајна несреќа го губи својот брат, Ален Цирковиќ. Трагедијата да биде уште поголема, по смртта на својот брат, вонбрачниот партнер прави сообраќајна несреќа и завршува во притвор. Таа поради тоа посегнала по својот живот, испила таблети и завршила на Токсикологија, но за среќа без последици, рече Ристески. Додаде дека судот располага и со психијатриско вештачење од 10 декември 2025 година кое го потврдува влијанието на настанот врз психичката состојба на партнерката на обвинетиот. – Оваа состојба има тешко и дестабилизирачко влијание врз вонбрачниот партнер на обвинетиот, при што настанот предизвикал нарушено секојдневно функционирање, истакна бранителот. Во заклучок, тој наведе дека обвинетиот е свесен за својот чин, дал признание и изразил искрено жалење за последиците, додавајќи дека согласно претходната судска пракса, за вакви дела се изрекуваат казни од три и пол до пет години затвор. Обвинителството го товари Љури за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода. Според обвинението, тој управувал мотор без дозвола по пешачка патека со брзина од 35 километри на час, што се смета за небезбедно на локација предвидена исклучиво за пешаци. По несреќата, обвинетиот го напуштил местото на настанот.