Ѓорѓиевски: Новогодишна радост за најмалите, но најголеми херои – Бог да ги чува сите!

Новогодишна радост за најмалите, но најголеми херои! Со срце полно љубов и надеж, денес ги посетивме дечињата кои се на лекување во Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај деца - Козле, Универзитетската клиника за детски болести и Универзитетската клиника за детска хирургија во Скопје, информира градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. -Новогодишните пакетчиња и подароци беа мал, но искрен обид да им донесеме насмевка, топлина и чувство дека не се сами во овие тешки моменти. Оваа посета е израз на длабока грижа и поддршка за најмалите херои, кои секојдневно водат свои тивки, но храбри битки. Нашата желба е, барем накратко, да внесеме радост, надеж и спокој во нивните срца, но и сила и утеха за нивните семејства. Верувам дека хуманоста и солидарноста се наша заедничка обврска, истакна тој. Ѓорѓиевски порача дека грижата за децата, особено за оние на болничко лекување, мора да биде траен приоритет и доказ за зрелоста на едно општество. -Преку вакви иницијативи испраќаме силна порака дека ниту едно дете не е заборавено и дека заедно можеме да градиме посилно, похумано и поодговорно утре. На сите дечиња им посакувам брзо и успешно закрепнување. Бог да ги чува сите, порача тој.