Суплементи што може да бидат опасни за вас ако имате висок крвен притисок

Суплементи што може да бидат опасни за вас ако имате висок крвен притисок Александра Спасеска 23.12.2025 / 13:44 Здравје Контролата на хипертензијата (висок крвен притисок) е важна за да се намали ризикот од сериозни здравствени состојби како што се срцев удар и мозочен удар. Покрај терапијата, при регулирање на крвниот притисок, важно е да се обрне внимание на додатоците во исхраната, бидејќи некои од нив можат да го зголемат крвниот притисок или да ја намалат ефикасноста на лековите за негово намалување. Поради оваа причина, одредени додатоци во исхраната не се препорачуваат за лица со висок крвен притисок. Фармацевтката Кирстин Хил истакна неколку додатоци во исхраната што лицата со хипертензија треба да ги избегнуваат. Витамин Д (во високи дози) Витаминот Д природно се наоѓа во некои видови храна, а телото го произведува и со изложување на кожата на сончевите УВ зраци. Иако е важен за многу телесни функции, високите дози на витамин Д можат да предизвикаат сериозни несакани ефекти, вклучително и покачени нивоа на калциум во крвта, што може да доведе до висок крвен притисок со текот на времето. „Високите дози на витамин Д можат да реагираат и со диуретиците што се користат за лекување на хипертензија, што може да предизвика телото да задржува премногу калциум. Препорачливо е да разговарате со вашиот матичен лекар, кој може да ги процени вашите нивоа на витамин Д и да ве советува дали е потребна суплементација“, вели Хил за Health. Корен од сладунец Коренот од сладунец (сладок корен) се користи како додаток во исхраната и арома на храна, а се користи и во традиционалната медицина за разни заболувања. Содржи глициризинова киселина, соединение кое може да го зголеми крвниот притисок и да предизвика сериозни несакани ефекти кај луѓето со хипертензија. Хил истакнува: „Додатоци од сладунец можат да се мешаат во ефектите на лековите за крвен притисок и диуретиците и може да доведат до нерамнотежа на натриум и калиум во телото. Поради овие ефекти, на луѓето со висок крвен притисок им се препорачува да избегнуваат производи што содржат корен од сладунец.“ Кантарион Кантарионот се користи за ублажување на симптомите на депресија и менопауза, но е познат по своите бројни интеракции со лекови. Може да ги ослабне ефектите на некои лекови за крвен притисок со тоа што ќе се меша во нивната апсорпција во телото. Поради можни интеракции, се препорачува да се консултирате со лекар пред да земете кантарион, особено ако веќе земате лекови или други додатоци во исхраната. Горчлив портокал Горчливиот портокал се користи во додатоци во исхраната, најчесто за слабеење и подобрување на атлетските перформанси. Содржи п-синефрин, стимуланс сличен на ефедрин, супстанца која е забранета од страна на Американската администрација за храна и лекови (FDA) поради поврзаност со сериозни здравствени проблеми. „Иако горчливиот портокал не е забранет, експертите предупредуваат дека може да го зголеми крвниот притисок и срцевиот ритам и да го зголеми ризикот од сериозни несакани ефекти. Горчливиот портокал во храната и пијалоците не се смета за проблематичен“, забележува Хил. Дополнителни мерки на претпазливост Реакциите на додатоците во исхраната варираат од личност до личност и зависат од возраста, исхраната, општата здравствена состојба и други фактори. „Пред да воведете какви било нови витамини или додатоци во исхраната, се препорачува да разговарате со лекар, кој може да ја процени нивната безбедност и можните интеракции со терапијата што веќе ја користите“, заклучи експертот. крвен притисок хипертензија додаток во исхраната суплементи Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On