претседател на МАИ и главен уредник на Издавачкиот центар ТРИ

претседател на МАИ и главен уредник на Издавачкиот центар ТРИ Бојан Саздов: На Скопје му недостигаат повеќе урбани културни простори во кои книжевноста ќе може да се промовира Александра Спасеска 24.12.2025 / 13:01 Македонското издаваштво се наоѓа во време на забрзани промени, каде дигитализацијата, интернационализацијата и создавањето на нови читателски навики стануваат клучни предизвици. Фото: Ерина Богоева По успешното претставување на Македонија на Саемот на книга во Франкфурт и дигиталното ажурирање на авторските профили, Асоцијацијата на македонски издавачи (МАИ) предводи процес на стратегиско осовременување и воспоставување посилно меѓународно присуство. Во овој контекст, Бојан Саздов, претседател на МАИ и главен уредник на Издавачкиот центар ТРИ , зборува за иднината на издаваштвото, важноста на професионализацијата и потребата од континуирана соработка меѓу издавачите. Во разговорот за kajgana.com, тој открива дека новата ера на македонската книжевност бара не само дигитални алатки, туку и изградба на професионален кадар, културна стратегија и заедничка визија – со јасна цел: македонската книга да стане препознатлив културен бренд во регионот и во светот. МАИ направи голем чекор со дигитализацијата на профилите на авторите застапени во каталогот за Саемот во Франкфурт, на кој оваа година имавме одлично претставување. Во глобални рамки, се чини дека ова е само поставување на основата. ●        Какви нови можности и предизвици отвора тоа за македонското издаваштво во ерата на дигиталната литература, и како планирате да го надградите тој систем за наредните години? Имате право со констатацијата дека се работи за поставување на основи – немањето стратегија во издаваштвото и во културата на домашен и на меѓународен план нè натера да ги преземеме работите во свои раце и под капата на МАИ, а преку добра соработка во секторот, да работиме на посериозно пласирање на нашата книжевност во светот. И не се работи за некаква економска активност – ова го правиме за афирмирање на авторите, јазикот, книжевноста. Чекорите што ги прави МАИ се скромни, но се трајни и се во констелација со нашата стратешка заложба да ја брендираме нашата култура, да ја обзнаниме во светот, да покажеме дека сме интересни, квалитетни и оригинални, какви што всушност и сме. Но за резултати е потребна институционална поддршка и соработка – и тука не треба да се измислува нешто ново туку треба да го следиме она што го прават малку понапредните и да фатиме чекор со регионот и со светот. Во однос на дигитализацијата, таа не е само потребна, таа е неопходна. Но она што ќе направи вистинска промена е создавањето на професионален кадар – пред сè, профил на книжевен агент, една специфична, но многу влијателна и важна работа без која една книжевност не може да се надева на меѓународен пласман. ●        Која е вашата визија за МАИ во наредните 5 години? Кои се клучните елементи на таа стратегија – дали вклучува промоција на македонското издаваштво на нови пазари, образовни програми за автори и издавачи, партнерства со светски организации, зајакнување на домашната продукција и издавачка инфраструктура? Нашата визија и мисија за следните години е паралелно зајакнување на секторот преку соработка, воведување и промоција на добри практики и навремено одговарање на предизвиците со кои се соочуваат издавачите, како и меѓународно вмрежување преку членство во Европската федерација на издавачи, силна фелоушип-програма и учество не само на франкфуртскиот туку и на други важни меѓународни саеми на книга. Успехот од овие заложби ќе доаѓа полека, меѓутоа ќе значи отворање на можностите за издавачите, но уште повеќе за авторите и за другите професионалци од областа, а ефектот од тоа ќе биде зголемена продукција, подобар квалитет и уште повисоки стандарди. Неопходно е да излеземе од нашите тесни граници и да почнеме да ги гледаме регионот и светот како сцена на која треба да бидеме рамноправни учесници. Фото: Ерина Богоева ●        Колкава е важноста на меѓусебната комуникација и соработка меѓу издавачите во моментов? Какви нови механизми, проекти или настани МАИ планира да иницира за да се подобри синергијата меѓу издавачите, особено во меѓународното позиционирање? Она што денес го прави МАИ е производ на одличниот тим, но и на одличната комуникација и соработка меѓу издавачите, на која посветуваме многу внимание. Во недостиг на Сектор за книга, Агенција за книга и какво било државно тело кое се грижи за книгите, издавачите на МАИ ја презедоа таа улога, покрај бројните обврски што веќе ги има секој од нас во своето секојдневно работење. Движечката сила на МАИ се прогресивните издавачи кои имаат повисока цел од чисто пазарно функционирање. Нашата амбиција е да бидеме рамноправни на меѓународен план, нашите автори да бидат преведувани на повеќе јазици, да учествуваме во меѓународни проекти и програми, да креираме платформи што ќе ја промовираат македонската книжевност во светот, но и да овозможиме континуиран прилив на квалитетна странска книжевност кај нас. Сето тоа бара огромен ентузијазам, енергија и професионална посветеност кои, за среќа, во моментов ги имаме – во процесите се вклучени вистински професионалци и креативци кои навистина сакаат да видат прогрес, чија мотивација не е краткорочна заработка туку градење долгорочна, успешна приказна од која ќе имаат корист авторите, издавачите, културната сцена и читателите. ●        Како МАИ гледа на улогата и на потребите на независните и помали издавачи – кои се насоките за нивна поголема видливост и поддршка, и што би препорачале за нивна долгорочна стабилност во македонскиот книжевен екосистем? МАИ се залага за еднаков третман на сите издавачи, без разлика на нивната големина. Во таа насока веќе направивме крупни чекори – како пример би го посочил поставувањето на помалите издавачи на централно место на Скопскиот саем. МАИ, впрочем, се залага за сите издавачи, независно дали се дел од Асоцијацијата или не – што можеби е невообичаено, но во мала средина како нашата навистина не гледаме никаква корист од поделби и групирања. Напротив, секторот може да напредува само ако сите се движиме во иста насока. Во основа, големината на издавачите не е важна: важно е дали ќе се вклучат во процесите и ќе придонесат кон јакнење на секторот, или ќе си го гледаат сопствениот интерес. Првите секако ќе бидат долгорочно препознаени и ценети – и од средината, и од авторите, и останатите чинители во литературниот свет. Фото: Ерина Богоева ТРИ забележа експанзија и диверзификација на работењето и досегот до читателите. Откако го збогати портфолиото со три од најзначајните книжевни имиња кај нас – Румена Бужаровска, Лидија Димковска и Венко Андоновски – издавачката куќа продолжи да бара нови таленти децентрализирано од Скопје, приклучувајќи кон авторското јадро имиња како Станка Бајлозова-Барламова од Валандово. ●        Каков е пристапот кон долгорочно градење на авторскиот регистар и какви критериуми следите при селекцијата и промоцијата на нови таленти? Она што ТРИ го работи поинаку, а што се пренесува како добро искуство, е што сме посветени на сите аспекти од издавачкиот процес, и на сите автори еднакво. Процесите ни се поставени на таков начин што секој автор го добива нашето целосно внимание и посветеност, и тоа низ целиот процес – од уредничката работа и обликувањето на текстот, преку дизајнот и креирањето маркетинг-кампања, до промоцијата и продажбата. Среќни сме што денес имаме задоволни и многу читани автори, бидејќи нивната успешна приказна не е само личен успех, туку е инспирација и мотивација за нови генерации творци. Инаку, ТРИ е отворен за сите автори, и познати и непознати, и се радуваме на сите нови познанства и соработки. Постојано добиваме нови ракописи, што за нас е многу охрабрувачки, бидејќи ни покажува дека импулсот за пишување постои и дека книжевната сцена е жива. Сепак, при селекцијата клучни ни се неколку работи – автентичноста на авторот, релевантноста на текстот за нашата публика, како и подготвеноста за уредничка работа и развој. ●        Во контекст на растечката конкуренција и дигиталните медиуми, кои се главните чекори што ги преземате за унапредување на релацијата македонски автор – домашна публика? Како ја гледате можноста за интернационализација – дали постојат конкретни планови за пробивање на македонските писатели на странски пазари? Главниот чекор е да бидеме многу присутни во дигиталниот свет – посебно авторите, кои мора да градат личен, непосреден контакт со својата публика. Дигиталните медиуми, од една страна, го отежнуваат нашиот живот – со сензационализмот и брзите информации – но отвораат и многу можности за промоција, ако содржините се скројат на начин што ќе биде допадлив. Во услови на речиси целосно исчезнување на културните рубрики во медиумите, а особено на книжевната критика, дигиталните платформи остануваат единствениот простор каде што книгата и авторот можат континуирано да бидат присутни. За интернационализацијата, веќе ги спомнав активностите на МАИ: настапи на меѓународни саеми, каталози, дигитални профили и директна комуникација со странски партнери, тоа се чекорите со кои ќе ја поставиме македонската книжевност на мапата. А успеси веќе има – Румена Бужаровска и Лидија Димковска се доказ дека кога постои квалитет, упорност и соодветна поддршка, вратите кон странските пазари се отвораат. ●        Диверзифицирањето на издавачката програма е препознатлив белег на ТРИ. Кои жанрови и видови изданија се очекува да бидат во фокус во наредниот период – дали публиката може да очекува пораст на графички новели, мемоари, монографии или специјализирана стручна литература? Ги следиме будно трендовите, особено подемот на графичките новели во светски рамки и нивната сè поголема популарност во регионот. Планираме, пред сè, да ја збогатиме продукцијата на книги за младата публика, за тинејџерите, а за тоа има и реална потреба – младите денес читаат и зборуваат почесто на странски јазик, најчесто на англиски. Лесно достапната продукција на секакви содржини на англиски наспроти малата локална продукција има огромно влијание врз оваа генерација, што неминовно се одразува и врз нивните читачки навики. Паралелно планираме да ја збогатиме понудата на дигиталните содржини, особено аудиокнигите, кои денес се главен начин на консумирање на книгите за повеќе генерации читатели. Во овие времиња, развојот на современи формати и жанрови на македонски јазик не е само пазарна одлука, туку е и одговорност. ●        Најдовте балансиран пристап меѓу комерцијалните и уметничките изданија. Како се одлучуваат стратегиите за инвестиции во нови формати и автори, и каква е реакцијата од читателите на овие новини? Одржувањето на тој баланс меѓу комерцијалната литература и книжевноста и стручната литература ни е многу важно, кај нас тие две струи отсекогаш течат паралелно. За нас е успех кога од комерцијалното ќе произведеме нешто квалитетно и кога тоа ќе допре до бројна публика и ќе создаде нови читатели. Веруваме дека книгата не е само едноставен производ кој треба да биде атрактивен за купување – книгата треба и мора да ја извршува својата функција во културни рамки и да биде столб врз кој ќе се градат генерации кои ќе имаат изграден критериум и вкус, а книгите ќе бидат предизвикувачи на идеи, дискусии и ќе влијаат врз многу читатели, писатели, мислители... ТРИ не е само комерцијален издавач – тој е чувар на книжевноста каква што секогаш била и треба да остане. Книжарницата ТРИ во ГТЦ годинава прослави две децении како културен репер во срцето на Скопје. ●        Во услови на суштински промени во начинот на восприемање и купување книги, како ја замислувате иднината на физичките книжарници – кои форми на интеракција, програмски содржини или дигитални решенија ќе бидат клучни за нивната релевантност? Мое мислење е дека книжарниците и културните простори секогаш треба да ја имаат улогата на анимирање на заедницата во реализирање на својата културна мисија. Иако не се субвенционирани на никој начин освен преку својата комерцијална дејност, повеќето од настаните што со радост ги организираме за нас немаат никаква врска со профит – напротив, овие работи ги правиме затоа што и самите сакаме да бидеме дел од една таква приказна во која централна улога ќе имаат важните работи како книгите, авторите, читателите. Покрај книжарниците, на градот му недостигаат повеќе урбани културни простори во кои книжевноста ќе може да се промовира. Простори кои ќе поврзуваат, со сериозна програмска содржина и организација насочена кон промоција на книгите и општо на читањето, секој ден во годината. Деновиве загубивме уште еден таков простор со затворањето на „Буква“. ●        Со оглед на брзиот раст на електронските книги и онлајн читањето, каков е пристапот на ТРИ кон интегрирањето дигитални изданија и технолошки иновации? Дали предвидувате дека книжарниците ќе се трансформираат во мултифункционални центри за култура и образование? Тешко е да се даде одговор на ова прашање – ние уште во 2020 година ја лансиравме нашата апликација за електронски книги која само таа година, поради несреќните околности поврзани со пандемијата, беше делумно успешна. Но сметам дека дигиталните уреди се најголемиот проблем за книгите, за читањето и за навиките на модерниот човек. Глобално електронските книги се во постојан пад, освен во некои сегменти, а аудиокнигите во последниве години се сè поактуелни како начин на консумирање на книгата. Но ќе мора да се повторам, на мал пазар како нашиот, едноставно нема простор за големи иновации во овој дел и ваквите читатели се бројат речиси на прсти – па од таа причина, тешко може да се предвиди иднина во која издавачите ќе инвестираат во овој сегмент, кој инаку чини многу пари. Но тоа не значи дека ние ќе седиме со скрстени раце додека гледаме како дигитализацијата ни ги краде читателите – ќе се бориме со тоа на многу начини и нема да дозволиме книгата да ја изгуби својата вредност што ја градела со векови. ●        Што би им порачале на читателите кои во сè поголем број се ориентираат кон е-книги и аудиокниги – како изгледа врската меѓу традиционалното и дигиталното читање според вас, и кои се вредностите што ги носи секој формат? Јас не сум противник на различните форми на читање на книгите – напротив, сметам дека треба да бидеме отворени кон овие големи промени и да се адаптираме на нив. Електронските и аудиокнигите се тука и ќе останат, издавачите и авторите треба да најдат начин да ја придобијат публиката во услови на сè поголема конкуренција на содржини и сè пократкото време за нивно восприемање. Времињата се менуваат, ако не се менуваме и ние, само ќе им ја олесниме работата на дигиталните медиуми кои нудат брза и евтина разонода, која за обичниот човек е многу полесна алтернатива. Важното прашање е како постојано да ги навраќаме луѓето кон читањето, како да ги искористиме новите алатки за да се вратиме на „старите добри“ книги. Македонска асоцијација на издавачи Бојан Саздов Автор/Извор АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА Прикажи во метро On