Општина Илинден успешно ја реализираше обемната акција за пошумување во рамки на проектот „Зелена Општина Илинден“. Во текот на активностите, на повеќе локации беа засадени повеќе од 600 садници од различни видови, со цел унапредување на квалитетот на воздухот, заштита на животната средина и подобрување на условите за живот на граѓаните. Акцијата беше спроведена со заеднички ангажман на општествено одговорни компании, граѓани, ученици, јавните претпријатија и општинската администрација. Пошумувањето се одвиваше долж пешачко-велосипедски патеки, улици и патишта, во близина на училишта, детска градинка, спортски терени, како и на подрачјето во н.м. Мршевци кое беше зафатено од пожарите во текот на летото, но и на други јавни површини. На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој нагласи дека грижата за животната средина е заедничка одговорност и дека преку вакви активности се придонесува за подигнување на еколошката свест, почист воздух и поздраво опкружување. Тој истакна дека ваквите еколошки иницијативи ќе продолжат и во иднина. Градоначалникот упати благодарност до општествено одговорните компании ТАВ, Дени Интернационал, Интер-Оил, Адора, Белина, Јоки, Пекабеско, МАН и Елмед за нивната поддршка и донацијата на садници, со што ја покажаа својата заложба за заштита на животната средина. Заштитата и унапредувањето на животната средина останува еден од клучните приоритети на локалната самоуправа, при што само во текот на 2025 година на територијата на општината се засадени околу 750 садници.