Управата за јавни приходи (УЈП) ги информира даночните обврзници дека е во тек рокот за поднесување Барање за паушално оданочување (образец ДЛД-П www.ujp.gov.mk/files/attachment/0000/1166/89-19-DLD-P_07.05.2019.pdf) за 2026 година. Паушалното оданочување, како што велат, претставува режим на поедноставено оданочување при кој даночните обврзници немаат обврска да водат деловни книги и деловна евиденција. -Во рамки на овој режим, обврзникот не поднесува даночни пријави и даночни биланси, туку данокот се пресметува и плаќа во паушален износ, утврден од страна на Управата за јавни приходи со даночно решение, врз основа на законски утврдени критериуми како што се: видот на дејноста, локацијата, очекуваните приходи и други релевантни фактори, прецизираат од УЈП. Нагласуваат дека право на паушално оданочување имаат самостојни вршители на дејност (СВД – занаетчии) кои поради определени околности, не се во состојба да водат деловни книги или на кои нивното водење значително им го отежнува вршењето на дејноста. -Ова право го имаат даночни обврзници кои дејноста ја вршат исклучиво со сопствен труд, без вработени лица. Примери за вакви обврзници се: крпач на кондури, бербер од помали места, постаро лице кое врши занает и други лица кои самостојно ја вршат својата дејност. Услов за користење на паушалното оданочување е даночниот обврзник да не остварува приходи повисоки од две годишни просечни бруто-плати по работник во Република Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика, информираат од УЈП. Правото на паушално оданочување, додаваат, не се признава кај самостоен вршител на дејност кој: врши трговска, угостителска или комисиона дејност; вработува повеќе од едно лице, покрај самиот обврзник; има вложувања од други лица во дејноста; остварил нето-доход во годината што ѝ претходи на годината за која се утврдува данокот, повисок од две годишни просечни бруто-плати по работник во РСМ. -Сите самостојни вршители на дејност кои веќе се во режим на паушално оданочување или сакаат да преминат во режим паушално оданочување имаат право секоја година, најдоцна до 31 декември, да поднесат ново Барање (образец ДЛД-П) за наредната година, со цел продолжување на правото за користење на овој режим. За новорегистрираните даночни обврзници, рокот за поднесување на Барањето за паушално оданочување (образец ДЛД-П) е 15 дена од денот на регистрација во соодветниот регистар или пред започнување со вршење на дејноста, појаснуваат од УЈП. По доставените барања, нагласуваат, Управата за јавни приходи врши теренска проверка со цел утврдување на фактичката состојба, во однос на: местото на вршење на дејноста, опременоста и површината на деловната просторија, пазарните услови, како и други релевантни околности (старост и способност на обврзникот и сл.). За даночните обврзници кои ги исполнуваат условите, УЈП донесува Решение за паушално оданочување најдоцна до 31 јануари 2026 година, односно до крајот на месецот што следи по месецот во кој обврзникот започнува со вршење на дејноста. Даночните обврзници кои ќе добијат Решение за паушално оданочување, истовремено добиваат и аконтативни пресметки и налози за плаќање на месечни аконтации. Уплатата на данокот се врши секој месец најдоцна до 15-ти, за претходниот месец со налогот од УЈП. Дополнителни информации и поддршка заинтересираните може да добијат на е-пошта: info@ujp.gov.mk и на телефоните 0800 33 000 и 02 3253 200.